Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Власта удри по Антикорупциска и судството – „ако продолжиме вака никогаш нема да се справиме со корупцијата“

/

Македонија

Сподели преку :

Остри критики во Собранието за извештајот на ДКСК за 2025 година. Пратениците од повеќе партии оценија дека корупцијата останува длабоко вкоренета, институциите потфрлаат, а резултати нема. Антикорупциска, пак, со јасна порака до институциите и законодавецот: корупцијата не се победува само со постапување по пријави. Законодавниот дом денеска на пленарна седница расправаше за Годишниот извештај на комисијата за минатата година.

„Како ние во ваков систем ќе се справиме со корупцијата, ајде еве објаснете ми вие. Вие премалку предмети доставувате до Јавното обвинителство, ЈО ги става предметите во фиока. И оние мал број на предмети што ќе дојдат до судовите, судот ги ослободува. Па ние вака ако продолжиме никогаш нема да се справиме со корупцијата“, вели Малиша Станковиќ, пратеник од Социјалистичката партија на Македонија. 

„Пред да се издаваат соопштенија, тие соопштенија да бидат базирани на факти и на аргументи. И сите материјали коишто се мотив тие соопштенија да бидат издадени во јавноста, да се читани соодветно. Да не се објавуваат соопштенија поради притисок од некого бидејќи на таков начин се губи суштината на институцијата“, кажа Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

Државната комисија во извештајот констатира дека во текот на 2025 година немало суштински системски промени во законската рамка, со што прстот го вперија во институциите.

„И во 2025 година не беа направени суштински системски исчекори во законската рамка кои би довеле до значително намалување на можностите за злоупотреба на дискреционите овластувања. Ризиците од корупција поврзани со вработувањата во јавниот сектор, издавањето дозволи и одобренија, урбанистичкото планирање, јавните набавки и инспекцискиот надзор и понатаму останаа изразени“, се вели во Годишниот извештај за работата на ДКСК за 2025 година. 

И пратениците од опозициските редови остро ја критикуваа работата на ДКСК. Велат дека извештајот не ја отсликува реалноста во делот на борбата против корупцијата.

„На пример, извештајот на прв поглед покажува дека има голема активност. Но, ако ја погледнете структурата и исходот од предметите, ќе видите дека тоа е само набилдан извештај за да изгледа како активност“, кажа Реџеп Исмаил, пратеник од Левица. 

„Откако ќе ги изброиме бројките, ќе дојдеме до истото прашање како и минатата година во истата оваа сала. Дали оваа институција навистина ја намалува корупцијата или само ја документира? Според мене, само се документираат работите и не се намалува корупцијата“, рече Сали Мурати, пратеник од Европскиот фронт. 

Комисијата нотира ниско ниво на реализација на планираните активности, што укажува на ограничена институционална посветеност и недоволна отчетност. И покрај финансиските и кадровските ограничувања, ДКСК оценува дека продолжила да ја извршува својата законска улога како столб на превенција од коруптивни појави.

Петар Догов

Jumbo 2