Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Кривична пријава против 27 лица и за вработена во МВР, за малверзации со возачки дозволи и незаконско внесување на категории

/

Македонија

Сподели преку :

МВР поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството, поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи и нивно издавање и употреба.

Според информациите од Одделот за внатрешна контрола, вработената во Одделението за управни работи Скопје, во периодот од септември 2020 до август 2026 година, со користење на службената шифра и овластувањата во електронскиот систем, незаконски менувала претходно поднесени барања за возачки дозволи. Во дел од случаите отфрлала постојни барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.

На овој начин биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај постапката останала во обид.

Истрагата покажала дека четири лица дејствувале како посредници, пронаоѓајќи заинтересирани лица и поврзувајќи ги со службеничката, а потоа ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите.

За службеничката постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ и едно такво дело во обид. Дел од останатите пријавени лица се сомничат за истото кривично дело во соизвршителство.

Дополнително, шест лица ги употребиле незаконски издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги користеле и при постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз. За овие дејствија постојат сомненија за шест кривични дела „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

МВР за случајот го известило Министерството за транспорт, со барање за вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати, како и за преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.

Против вработената во МВР ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а до завршување на постапката ќе биде суспендирана од работното место.

Jumbo 2