Израел го информирал Обединетото Кралство дека мора да го затвори својот конзулат во Источен Ерусалим во рок од 30 дена, потврдија денеска двајца официјални израелски претставници.
Затворањето на конзулатот, кој ја претставува британската влада во Ерусалим, на Западниот Брег и во Газа во прашањата поврзани со Палестинците, е една од серијата одмазднички мерки на Израел како одговор на санкциите што Велика Британија, Франција и Канада во вторникот ги најавија против израелските доселенички населби на Западниот Брег.
Британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд во средата изјави дека жали поради одлуката на Израел за затворање на конзулатот, но дека тоа не било изненадување.
Милибанд вчера изјави дека Израел „замижувал“ пред насилството што го вршеле доселениците врз Палестинците.
Британските дипломати кои работат во конзулатот, чие дипломатско присуство во Ерусалим датира од 1839 година, исто така ќе го загубат својот дипломатски статус по истекот на 30 дена, потврдија израелските официјални претставници
Израел, исто така, соопшти дека на Велика Британија повеќе нема да ѝ биде дозволено да обучува палестински безбедносни сили на Западниот Брег, а дека на 12 британски пратеници и други британски државјани ќе им биде забранет влез во земјата. Меѓу нив е и поранешниот лидер на Лабуристичката партија и жесток критичар на Израел, Џереми Корбин.
Милибанд во вторникот пред пратениците изјави дека, покрај забраната за увоз на стоки од израелските населби на Западниот Брег, Велика Британија ќе преземе мерки и против компании и поединци кои обезбедуваат услуги за населбите, вклучително и „градежништво, инфраструктура, финансирање или недвижности“.
Франција и Канада, исто така, соопштија дека ќе забранат увоз на производи од израелските населби, додека уште девет земји, меѓу кои Данска и Португалија, ја поддржаа британската иницијатива.
Санкциите се најновата во низата мерки насочени кон израелската политика на населување на Западниот Брег и укажуваат на сè поголемата дипломатска изолација на Израел меѓу дел од неговите традиционални сојузници.












