Полицијата сузби криминална група осомничена за проневера, перење пари и несовесно работење во службата, при што против шест физички и три правни лица е поднесена кривична пријава.
Во акцијата, спроведена во координација со ОЈО ГОКК, се лишени од слобода три лица, а при претреси во Скопје се одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци, 100 долари, мобилни телефони и две возилa.
Според МВР, осомничените во периодот од 2021 до јануари 2026 година преку лажни извештаи прикриле наплата на надоместоци при регистрација на возила во вкупен износ од 138,8 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра.
Дел од средствата, според истрагата, биле префрлани меѓу сметки на повеќе правни лица и прикажувани како различни видови трансакции, со цел да се прикрие нивното потекло.
Најголем дел од утврдената штета е на товар на Јавното претпријатие за државни патишта, во износ од 48,4 милиони денари, додека штета е утврдена и кон Црвениот крст, Министерството за животна средина и општините.













