Македонија го освои првиот златен медал на Медитеранските игри во Таранто. Каратистот Матеј Белистојаноски триумфираше во категоријата до 67 килограми, а со тоа ѝ го донесе на нашата земја вкупно шестиот медал на Игрите.
Македонскиот каратист во првото коло го победи Мустафа Алма Салмех од Сирија со 6-1, а потоа во четвртфиналето го совада и домашниот фаворит Лука Мареска со 2-0. Во полуфиналето ,Белистојаноски оствари триумф и против грчкиот натпреварувач Јоргос Балиотис со 5-1. Во големото финале, Македонецот ги одмери силите со Боран Берак од Хрватска и ја оствари најубедливата победа од 6-0 за да го освои златото.
Ова е нов голем успех за Белистојаноски, кој оваа година освои и златен медал на Европското младинско првенство.
Македонија сега има шест медали од Игрите во Таранто. Четири се освоени во борење, Фати Вејсели и Реџеп Хајдари освоија сребрени медали, додека Ахмад Магомедов и Вероника Консевиќ бронзени. Со бронзен медал се закити и боксерот Ален Рустемовски.












