Истрагата за набавката на мазутот за потребите на ТЕЦ Неготино продолжува, откако е уважена жалбата на АД ЕСМ. По повеќе од три месеци од запирањето на истрагата на обвинителката која го водеше предметот Катерина Коларевиќ сега и се дадени дополнителни насоки за постапување, откако биле констатирани слабости во изготвените вештачње врз кои е донесена одлуката повеќе да не се гонат фримата кога го доби тендерот РКМ, нејзиниот сопственик Ратко Капушевски, сопственик на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и уште 10 други осомничени.
„Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице“, велат од ЈОРСМ
Жалбата се падна кај вишиот обвинител Јован Цветановски кој претходно беше под суспензија поради дисциплинска постапка за сомнежи дека заедно со екс вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулаху се откажувале од обвинителски предмети во кои имало повеќе милиони евра штета. Цветановски исто така беше обвинет со Хајрулаху за злоупотреби при распределба на предмети. Обвинителката Коларевиќ изјави дека клучен доказ за прекинување на истрагата бил исказот на сведоци од ЕСМ дека немало причинета штета.
„Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност“, велат од ЈОРСМ
МВР во кривичната пријава наведе дека има штета од над 167 милиони евра и злоупотреби при набавката и доцнење на испораката на мазутот во ТЕЦ Неготино. Случајот беше еден од поголемите предмети со злоупотребите во јавните набавки во енергетскиот сектор за време на енергетската криза.
Марија Митевска













