Еден ден по страотните поплави кои го зафатија граничниот регион меѓу Непал и Кина, ужасниот биланс на трагедија продолжува драматично да се влошува и вистинскиот размер на катастрофата да станува појасен.
Повеќе десетици лица засега и официјално се водат како загинати во катастрофалните поплави кои уништија критична инфраструктура и ги отежнаа спасувачките операции, вклучувајќи и потрагата по над повеќе од 1300 лица кои засега се водат како исчезнати, меѓу нив и 700-тини странски државјани.

Над 177 луѓе во двете земји се потврдени како загинати во поплавите, додека спасувачките операции и потрагата по евентуално преживеани луѓе продолжува, иако во исклучително тешки околности.
Во Непал досега е потврдена смртта на повеќе од 162 лица, додека стотици локални жители, селани, туристи и работници сè уште се водат како исчезнати.
Спасувачките екипи работат непрекинато, деноноќно, но големите количества наноси и урнатини, оштетените патишта и мостови, како и размерите на разурнувањето, значително ги отежнуваат потрагата и спасувачките операции.

Американскиот геолошки центар соопшти дека лавина од глечер, што се случува кога огромно парче мраз се крши од глечерот и паѓа по падината, е одговорно за катастрофата.
Драматичните снимки направени со мобилни телефони од луѓето кои биле сведоци на природната катастрофа ја пренесуваат апокалиптичната атмосфера од миговите кога огромно количество вода, која со себе носи земја, дрвја, карпи и секаков друг вид остатоци со огромна брзина удира врз населените места во Непал.
Снимките од безбедносните камери, од ткн CCTV систем на пристаништето Ѓирон, најважниот копнен премин кој ги поврзува Тибет во Кина со Непал, најбрутално го пренесуваат ужасот кој го доживеале луѓето кои биле во непосредна близина на регионот пред тој да биде збришен од разорната моќ и деструктивниот налет на водената стихија.
Десетици човечки животи згаснуваат за неколку секунди на снимките, кои не е лесно да се гледаат.
Преку овој целосно уништен објект се одвива речиси една третина од трговијата меѓу Кина и Непал.
Најголем дел од жртвите и уништувањето се во Непал. Бројките на загинати постојано се зголемуваат, како и податоците за лицата кои засега се водат како исчезнати.
Жителите за само неколку секунди, ги изгубиле своите домови, продавници, се што имале.
- Околу 9 часот наутро (на 26 август) ми се јави роднина од Расувагади и ми рече дека таму надоаѓа огромна количина вода, да ги напуштиме продавниците и да бегаме, бидејќи продавниците нема да издржат. Сè уништи за само 15 минути. Не ни остана ништо, вели Јалешвар Кумар Сахни, локален жител.
Непалските власти потврдија и дека биле уништени десетици мостови, а оштетени и над 40 километри патишта, што дополнително ја отежнува потрагата по преживеани.
Непалската армија, со помош на хеликоптери, успеала да спаси повеќе од 100 лица од поплавените подрачја.
Гол дел од луѓето кои засега се водат како исчезнати се странски државјани, туристи кои престојувале во посета на регионот. Државите во регионот се обидуваат да се организираат, да помогнат во потрагата по преживеаните лица.
- Луѓето можеби видоа дел од снимките, кои навистина се ужасни. Во овој момент, 34 Австралијци се водат како исчезнати. Ги повикуваме сите што имаат информации да ги споделат со нас и, се надеваме, преку ова ќе можеме да ги прикажеме на екранот телефонските броеви на кои луѓето можат да се обратат до нашите конзуларни служби. Во овој момент, Непал е земја во развој. Таа ги нема ресурсите со кои би располагала Австралија во ситуација како оваа. Затоа, информациите тешко се добиваат, вели Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Според медиумите, регионот и натаму е изложен на ризик од одрони, свлечишта и поројни поплави, бидејќи се очекуваат уште три дена дожд, а одронетата земја создала нестабилни природни брани.
Никола Илиевски












