Страотна трагедија во Непал. Смртоносна ненадејна поплава во оваа држава предизвика голем број човечки жртви а повеќе стотици засега се водат како исчезнати, меѓу нив и голем број туристи.
Разорната водена стихија однела со себе повеќе села во северниот дел на земјата а поплавата го погодила и Тибет, автономен регион во Кина, каде што државните медиуми исто така најавуваат дека има „голем број жртви“.
Стравувањата се дека бројот на загинатите дополнително ќе се зголемува, додека во тек се и спасувачки операции.
Речиси 400 луѓе, меѓу кои и најмалку 290 странски туристи, засега се водат како исчезнати. Меѓу исчезнатите има државјани на Индија, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Велика Британија и Малезија.
Поплавата што опустоши населени места во северен Непал била предизвикана од земјотрес кој активирал големо свлечиште, тврди министерот за надворешни работи на оваа земја.
Спасувачките хеликоптери не можат да слетаат во најтешко погодените области се додека не се повлече водата што ја отежнува потрагата по преживеани а во операциите се придружуваат и полицијата и војската на Непал.
Истовремено и кинескиот претседател Си Џинпинг наредил операција за пребарување и спасување на исчезнатите во Тибет, каде исто така се стравува дека има голем број загинати луѓе.












