Ќе бараме излез од еврозоната, напуштање на договорот за Шенген, затворање на границите и значително заострување на миграциската политика ако бидеме дел од сојузната влада, изјави копретседателката на ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел во интервју за германската телевизија ЗДФ.
„На Германија ѝ беше значително подобро пред воведувањето на еврото“, рече Вајдел, тврдејќи дека заедничката европска валута ја ослабела германската економија и го намалила богатството на домаќинствата.
Во однос на миграцијата, таа најави затворање на германските граници и излез на Германија од Шенген-зоната.
„Ќе ги затвориме границите и ќе излеземе од Шенген“, рече Вајдел.
Таа се заложи и за поголем број депортации и ограничено доделување германско државјанство, вклучително и враќање на Сиријците на кои повеќе не им важи статусот на заштита.
Вајдел истовремено ги критикува партиите ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц и СПД на министерот за финансии, Ларс Клингбајл, повторно напаѓајќи ја ЦДУ поради одбивањето да соработува со АфД.
Партијата АфД во пресрет на изборите во областа Саксонија-Анхалт закажани за 6 септември, според анкетите, има поддршка од повеќе од 40 отсто од гласачите. На национално ниво испитувањата на јавното мислење на АфД ѝ даваат поддршка од 27 отсто, а ЦДУ има 22 отсто од гласачите.
Алтернатива за Германија е основана во 2013 година како евроскептична партија, која се спротивставуваше на политиката за финансиско спасување на презадолжените членки на еврозоната. Германската Сојузна канцеларија за заштита на уставот (БфВ) во мај 2025 година ја прогласи АфД за ексремистичка крајнодесничарска партија.
Меѓутоа, Управниот суд во Келн во февруари годинава привремено му забрани на БфВ да ја означува и третира АфД на тој начин до донесувањето одлука во главната судска постапка. Судот оцени дека и натаму постои сериозно сомневање за противуставни тенденции во партијата, но дека засега не е доволно утврдено тие да ја карактеризираат АфД во целина.












