Голем пожар избувна денеска на граничната област меѓу Босна и Хрватска, затворајќи го главниот автопат помеѓу Требиње во Босна и Дубровник во Хрватска, предизвикувајќи илјадници туристи да се вратат назад и да ја евакуираат областа.
Неколку села околу малото гратче Иваница во Босна мораа да бидат евакуирани бидејќи пожарот се приближуваше кон домовите во областа.

Според локалeн пожарникар, дел од добитокот бил зафатен од пожарот.
Хрватските пожарникари од блискиот Дубровник пристигнуваат за да им помогнат на Босанците во борбата против шумскиот пожар.
Босанската полиција го затвори многу прометниот туристички пат што ги поврзува Требиње во Босна и Дубровник во Хрватска, принудувајќи многумина да ги променат своите планови за празниците.

- „Дојдовме да ја видиме областа, пределот на Требиње и да ја посетиме фамилијата и се обидовме денеска малку на море да одиме , но полицијата нè запре сега и не замоли да се вратиме назад. Тоа е поради пожарот, а патот е затворен. Ќе се обидеме да ги промениме нашите планови, можеби ќе се обидеме повторно утре“ – Александар Бошковиќ, турист од Србија.
Според локалните власти, пожарот се шири со дијаметар од над 16 километри и до областа е многу тешко да се пристапи поради тесните ридови и планини.
Босанската полиција и противпожарната служба се потпомогнати од хеликоптер во борбата против пожарот, но немилосрдната топлина и силните ветрови го туркаат пожарот подалеку кон копното.
Јужна Босна и Херцеговина е склона кон шумски пожари во текот на летото, но овогодинешното лето се претвора во едно од најжешките и најсушните во поновата историја.
Областа Требиње не видела дожд со месеци, оставајќи го сувото земјиште ранливо на пожари.












