Најмалку 13 лица се убиени, а 40 повредени во најновите руски напади на Киев, додека земјата и понатаму се соочува со недостиг од ракети за воздушна одбрана.
Станбени блокови и магацини беа погодени низ градот во текот на ноќта, соопшти Државната служба за вонредни ситуации на Украина, додека детска болница и училиште беа исто така оштетени.
Смртните случаи се резултат на недостиг од ракети за воздушна одбрана, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, за кои Киев се потпира на западните сојузници.
Украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко изјави за Би-Би-Си дека Украина е „апсолутно незаштитена“ од напади со балистички ракети и „не може ништо да направи“ без пресретнувачи.
„Русија го користи ова обидувајќи се да уништи што е можно повеќе инфраструктура. За нас е многу болно бидејќи умираме тука секој ден без овие пресретнувачи,“ вели тој.
Украинските воздухопловни сили утрото објавија дека ниту една од руските балистички ракети што се користела во текот на ноќ не била пресретната.
Руското министерство за одбрана соопшти дека биле спроведени напади од воздух, копно и море за да ги таргетира воените објекти и магацините.
„Ракета го погоди покривот. Беше неверојатно гласно наеднаш, остатоците и вратите беа разнесени. Имаше столбови чад, столбови оган, вресоци, плач и очај. Две лица беа убиени во нашата зграда, но спасувачите реагираа брзо и професионално. Им сум благодарна за тоа. Нека целата оваа Москва нека гори во пеколот. Никогаш нема да го добијат она што го сакаат. Ние сме силни луѓе. Ќе издржиме. Нема да нè скршат. Ќе ја обновиме нашата земја. Слава на Украина!“, изјави Лариса Бондарук, жителка на Киев.
Нејзината сограѓанка, Олха Стрилковска изјави дека кога се случил ударот влегла во бањата, а потоа се вратила. Нападот како што раскажа таа, бил многу силен.
„Имаше прашина насекаде, сè леташе. Креветот беше покриен со гипс, влезната врата падна во ходник, а фрижидерот во ходник беше отворен. Струјата се врати, па брзо почнавме да се подготвуваме да си одиме. Имаше пожар во соседниот дел од зградата – становите гореа. За среќа, скалите беа чисти, па се стрчавме по нив. Мојот сопруг има 85 години, па беше многу тешко да излезам со него бидејќи тој навистина воопшто не сакаше да си оди“, рече Стрилковска.
Како резултат на ноќниот напад врз главниот град, спасувачите од Државната служба за вонредни ситуации на Украина биле вклучени на околу петнаесет локации.
„Вкупно, тие работеа во три области: Свјатошински, Соломјански и Дарнитски. Овој округ најмногу страдаше. Тука имаме оштетена деветкатна станбена зграда со различно делумно уништување на осмиот и деветтиот кат. Во времето на пристигнувањето на спасувачите, имавме пожар на седмиот, осмиот и деветтиот кат. Девет лица беа спасени, тие беа повредени, тие беа предадени на лекарите за да им се пружи потребната помош. За жал, две лица загинаа во оваа станбена зграда, телата на уште две лица беа во близина, една жена почина во центарот за рециклирање, друга жена во соседната куќа“, информираше Павло Петров од Државната служба за вонредни ситуации на Украина












