Турското Министерство за образование со нова наредба ги задолжи сите наставници во образовните институции под негова надлежност да носат бели мантили, слични на оние што ги носат медицинските работници, почнувајќи од новата учебна година во септември, објави порталот „Хаберлер“.
Според наредбата, белите мантили со логото на министерството ќе бидат задолжителен дел од облеката што наставниците ќе ја носат врз цивилната облека. Мерката има цел да го нагласи авторитетот и достоинството на наставничката професија, како и да спречи носење премногу лежерна или несоодветна облека во училиштата.
Вработените во образовниот сектор треба да се облекуваат на начин соодветен на достоинството и репрезентативната функција на нивната професија, се наведува во наредбата што ја потпиша турскиот министер за национално образование Јусуф Текин.












