Македонија зазеде уште едно срамно европско прво место – реагираше денеска партијата Левица преку писмено соопштение откако податоците на Институтот за јавно здравје покажаа дека заклучно со 18 август, во земјата се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска.
Според најновиот споредлив пресек на ECDC, изработен на 14 август со податоци заклучно со 13 август, во Европа биле регистрирани 429 локално стекнати случаи, а Македонија е четврта во Европа дури и по апсолутен број – велат од Левица.
Само во една недела, од 12 до 18 август, ИЈЗ регистрирал 12 нови случаи и три нови смртни исходи. Тоа значи дека бројот на регистрирани случаи скокнал од 26 на 38 за само седум дена – раст од 46,2% за една недела, се посочува во соопштението.
Од Левица наведуваат дека „уште во мај Македонија го имала првиот регистриран човечки случај во европскиот регион за сезоната 2026“.
Наместо раниот аларм да предизвика максимална мобилизација, вмровскиот локален и здравствен апарат го дочека август со експлозија на заразата – додаваат од Левица.
Оттаму обвинуваат дека владеачката ВМРО-ДПМНЕ за неполни два месеца, „успеала еден ран и јасен здравствен аларм да го претвори во епидемија во главниот град“.
Тука бројките престануваат да бидат само медицинска статистика и стануваат хронологија на пропуштеното време, односно вирусот се ширел, случаите се множеле, а секој нареден пресек само ја документира цената на задоцнетата превенција, обвинуваат од Левица.
Размерот на годинашната состојба најдобро се гледа кога ќе се стави до претходните петнаесет години заедно. Од 2011 до крајот на 2025 година Македонија регистрирала вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни случаи.
Само во 2026 веќе имаме 36 потврдени случаи, односно 66,7% од целиот број потврдени случаи во претходните 15 години заедно. На Македонија ѝ требаа 15 години за да регистрира пет смртни случаи од западнонилска треска, но на актуелната гарнитура на ДПМНЕ ѝ требаше едно лето за да стигне до четири, велат од Левица.













