Опозициската СДСМ на својата ФБ страница објави видео од експлозија за кое тврди дека се случила во двор на припадник на МВР, односно во дворот на лицето М.Б. кое според објавувачот е поврзано со кумот на Мицкоски.
-Зошто се крие од јавноста? Која е позадината?, прашува СДСМ во ФБ постот и за наредниот ден најави објавување на нови детали кои свиркачи ги доставиле до нив.
На видеото се гледа како експлозивна направа се активира во двор откако е фрлена од улицата. По неколку секунди се расчистува чадот од експлозијата. Настанот според видео снимката се случил длабоко во ноќта на 16-ти август, во 2:23 часот.
Од достапните податоци на веб сајтот на МВР, во делот за дневниот билтен на тој ден стои информација за случена експлозија во Бардовци, а пријавувачот има слични иницијали како спомнатото лице во објавата на СДСМ.
-На 16.08.2026 околу 02:35 часот во СВР Скопје К.Б.(70) од Скопје пријави дека во с.Бардовци,скопско кон домот бил фрлен предмет кој предизвикал експлозија и направил оштетување на скалите од влезот на куќата, бил скршен прозорец, потоа оштетено било патничко возило, портата и друго. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, извести МВР во неделниот полициски билтен.
Наведена е и материјална штета од експлозијата, а нема повредени. Од МВР, Телма побара дополнителни објаснувања дали станува збор за експлозија во двор на лица кои се во МВР или блиски до вработен во Министерството.
ДОПОЛНУВАЊЕ: Од МВР ни одговорија дека видеото е од локацијата каде е пријавена експлозијата и дека случајот се истражува.
Миомир Серафиновиќ













