За да проработи единствениот државен ПЕТ скен се чека на маслото кое треба да се извезе од САД, велат за Телма од фирмата која е задолжена за сервисирање. Онколошките пациенти два месеци се оставени без овој преглед, а некои си плаќаат и приватно. НЕТ-Електроникс е фирмата која во март годинава го добила тендерот за оваа намена, а редовно сервисирање извршиле во јуни кога се појавил проблем со вакумот на системот и било утврдено дека требало да се сменат делови во дифузионата пумпа, односно греачот за масло.
„Согласно сервисните правила на производителот задолжително е да се изврши замена и на маслото за висок вакуум во истата, без оглед на неговата старост. Според нашите информации маслото (Santovac 5) е производ на фирмата Santolubes од САД и е класифицирано како производ за двојна употреба и за да се направи извоз на истото во Македонија потребни се специјални извозни дозволи кои ги издаваат САД и Европската Унија. За жал, процедурата за добивање на овие дозволи трае неколку недели по претходно комплетно предадени барања за издавање на истите, стои во одговорот од „НЕТ-Електроникс“.
Од НЕТ-Електроникс велат дека по добивањето на дозволите маслото ќе биде испорано до ПЕТ центарот и со тоа ќе се овозможи да се заврши поправката на дифузионата пумпа и со тоа ќе го оспособат циклотронот за редовна употреба. ФЗОМ пак нема начин како да им ги рефундира средствата на оние пациенти кои од свој џеб во приватните болници платиле 1300 евра за ПЕТ скен.
„Согласно Законот за здравственото осигурување и подзаконските акти, Фондот нема законска можност да врши рефундација на средства за здравствени услуги што осигурените лица по сопствен избор ги користеле и ги платиле во приватни здравствени установи со кои Фондот нема договор за обезбедување на конкретната здравствена услуга,“велат од ФЗОМ.
Онколошките пациенти сега се соочуваат и со уште еден предизвик и на социјалните мрежи се жалат дека нема лекови.
„Фулвестрант нема, а и не се знае кога ќе има, а од него зависат лекови кои одат во комбинација со Фулвестрант. Со тоа и самата терапија не може да се пие“, е еден од коментарите на социјалните мрежи.
Од Министерството за здравство одговорaaт дека дел од лековите ќе бидат набавени оваа недела, а дел наредната
„Од Клиниката за онкологија и радиотерапија информираат дека во текот на оваа недела се очекува испорака на лекот capecitabine. Останатите препарати се очекува да бидат доставени до Клиниката во текот на следната недела: ribociclib , fulvestrant и pazopanib. Од таму информираат дека испораката на сите наведени препарати доцни поради ненавремена испорака од дистрибутерите. Клиниката навремено ги извршила нарачките, а до дистрибутерите е испратено и соодветно укажување во врска со доцнењето и можните последици од ненавремената испорака, велат од министерство.“
Пред една недела онколошките пациенти протестираа пред Министерството за здравство поради доцнењето на терапијата.
Марија Митевска













