Данска воведува построги начини за спроведување на завршните тестирања за да ги спречи учениците да користат вештачка интелигенција кога ги пишуваат писмените задачи.
Според новите мерки, учениците од повисоките средни училишта ќе бидат обврзани усно да ја бранат својата писмена работа, а наставниците ќе можат да ги прашуваат за нивните аргументи и методи.
Промените се дизајнирани да се справат со растечката загриженост дека учениците користат генеративни алатки за вештачка интелигенција како што се ChatGPT и Claude за да напишат есеи и други задачи.
„Во врска со испитите што ги одржавме непосредно пред летниот распуст, можеме да видиме – за прв пат по децении – дека кога учениците полагаат писмени испити и ги завршуваат задачите во училиште, има вистински пад на оценките што ги добиваат. Ова јасно докажува дека нешто не е во ред.“, рече министeрот за образование на Данска, Магнус Хеунике.
Построгите правила почнуваат да се применуваат веќе од следната недела кога учениците од средните училишта се враќаат на училиште.
Првата мерка е воведување на усната одбрана на есејот или завршната задача, што ја полагаат секоја година околу 9.000 ученици од средни училишта.
Покрај тоа, средните училишта ќе можат да користат алатки за следење на компјутерските екрани на учениците за време на писмените испити. Училиштата исто така ќе бидат обврзани да инсталираат заштитен ѕид кој ќе го блокира пристапот до ChatGPTили слични АИ алатки.
И како трета и последна мерка, средните училишта ќе треба да ги поттикнат учениците своите работни задачи да ги завршуваат во училиште под директен надзор во училните. Ова според министерството, ќе го олесни процесот на следењето на решавање на задачите, ќе обезбеди повратни информации и ќе создаде основа за точна проценка.












