Адвокатот Насер Рауфи за Телма потврди дека на неговата клиентка, 23-годишната Ива Михајлова, судот во Кочани го отфрлил и последното барање за лекување на повреден рбет во странство.
Михајлова е обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа со жртва и ѝ се одземени пасошите. Нејзината одбрана смета дека се обезбедени сите медицински документи со кои се потврдува дека Михајлова не може да се лекува во Македонија, а случајот е широко експлоатиран во Бугарија бидејќи младата кочанчанка се изјаснува како Бугарка и и има двојно државјанство.
„Известен сум од судот дека и последното барање за привремено враќање на пасошите за да се овозможи лекување во странство е отфрлено за мојата клиентка. Иако судот бараше конзилијарно мислење од лекари-специјалисти и тоа беше обезбедено и доставено, сепак судот го отфрли барањето. Одлуката ќе ја обжалам на втор степен, пред Апелациониот суд во Штип, во понеделник“, ни изјави телефонски, адвокатот Насер Рауфи.
Лани во октомври, Михајлова учествуваше во сообраќајна несреќа кај Кочани кога имаше еден загинат, а повеќе луѓе меѓу кои и обвинетата беа тешко повредени. Михајлова го негира обвинението и тврди дека не е виновна, но обвинителството смета дека таа ја предизвикала трагичната сообраќајка.
Поради нејзиното етничко изјаснување како Бугарка и двојното, македонско-бугарско државјанство, предметот го следи и Софија преку тамошното МНР и амбасадата во Скопје.
Случајот го злоупотребија и двајца пратеници од бугарската десничарска проруска партија „Преродба“ кои иако со забрана за влез во Македонија поради нелегално преминување на границата, минатата недела ја преминаа границата кај Делчево и беа во судница во Кочани. Пратениците Крсто Врачев и Ангел Георгиев ја коментираа и судската постапка, со навреди за обвинителот, судиите и правната држава.
По информацијата која ја објави Телма за преминувањето на граница на луѓе со забранет влез со судска одлука, МВР соопшти дека доколку има пропусти ќе има одговорност за полициски гранични службеници и дека Внатрешната контрола ќе го испита случајот.
Националистичката „Преродба“ паралелно со повеќе бугарски радикални групи и поединци користи навредлив и негаторски речник за македонскиот народ и македонскиот јазик.
Миомир Серафиновиќ

Бугарските пратеници со забрана на влез во Македонија, границата ја минале минатата недела, на легален граничен премин Делчево, објавено е на повеќе ФБ профили на лица од Бугарија. Телма веќе објави дека пратениците на десничарската проруска партија од Бугарија, „Преродба“, имаат забрана за влез во Македонија поради тоа што лани илегално преминувале границата, но двајца… Продолжи со читање

Двајца пратеници од партијата ,,Препород" во бугарскиот Парламент со фотографии потврдија дека биле на судење во Кочани на 23-годишната кочанчанка Ива Михајлова која има двојно македонско/бугарско државјанство иако според судски документи кои беа објавени во КОД на Телма, од лани во август имаат забрана за влез во Македонија. Станува збор за бугарските пратеници Крсто Врачев… Продолжи со читање













