Четириесет и шестгодишен скопјанец почина откако врз него паднало дрво за време на сеча во месноста Лениште, во атарот на село Мислодежда.
Трагедијата се случила на 20 април годинава, кога скопјанецот кој бил ангажиран за сеча, бил удрен од дрво и се здобил со тешки повреди. Тој бил пренесен во Општата болница во Струга, каде што подоцна им подлегнал на повредите.
На местото на несреќата увид извршиле Основното јавно обвинителство во Струга, полициски екипи, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за шумарство и Шумската полиција.
По спроведената истрага, ОВР Струга денеска поднесе кривична пријава против С.М. (53) од селото Мислодежда поради основано сомнение дека сторил кривични дела „пустошење шуми“ и „непреземање мерки за заштита при работа“.
Според полицијата, осомничениот без работен договор ангажирал работници и без претходно одобрение за сеча, спротивно на одредбите од Законот за шуми, неовластено исекол 107 стебла бука и три стебла габер, односно вкупно 31,9 кубни метри огревна дрвна маса.
Сечата била извршена на туѓ недвижен имот во месноста Лениште.
„ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.М.(53) од струшкото село Мислодежда поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „пустошење шуми“ и „непреземање мерки за заштита при работа“.
На 20.04.2026, без претходно добиено одобрение за сеча и спротивно на прописите од Законот за шуми, на туѓ недвижен имот во месноста Лениште во атар на селото Мислодежда, тој без работен договор ангажирал работници и неовластено исекол 107 стебла буково дрво и 3 стебла габер или вкупно 31.9 кубни метри огревна дрвната маса. За време на сечата, работникот Р.Д.(46) од Скопје бил удрен од дрво. по што починал во Општата болница во Струга. На местото на несреќата, увид извршија ОЈО Струга во содејство со полициски екипи, Државен трудов инспекторат, Државен инспекторат за шумарство и Шумска полиција“, соопштија од полицијата.













