Министрите за внатрешни работи на Европската Унија (ЕУ) на денешниот онлајн состанок се согласија да ги засилат мерките за борба против мрежите за шверц на мигранти, да ги зголемат депортациите и да ја подобрат размената на информации.
Состанокот се одржа откако десетици илјади мигранти минатата недела навлегоа во шпанската северноафриканска енклава Сеута. Најмалку 72 мигранти загинаа, обидувајќи се да ја преминат границата.
„Постигнато е заедничко разбирање за потребата од продолжување на бескомпромисната борба против мрежите за шверц на мигранти, зајакнување на процедурите за враќање, зајакнување на границите на ЕУ, градење длабоки партнерства со трети земји и подобрување на предвидливоста“, се наведува во соопштението издадено по состанокот.
Министрите, исто така, се согласија за „потребата од подобрување на општата свест за ситуацијата“, вклучително и подобро следење на социјалните медиуми.
Во соопштението се додава дека министрите посочиле дека комуникацијата во време на криза може дополнително да се зајакне преку навремена координација и треба да биде покохерентна, особено за да се спротивстават на злонамерните надворешни актери вклучени во манипулација со информации и странско мешање.












