Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека иранското раководство е „неверојатно лицемерно“. Неговата објава на „Трут Сошл“ следуваше откако Техеран демантира дека денеска ќе се одржи нов круг разговори со ирански претставници за завршување на војната. Трамп наведе дека поради планираната средба ги откажал нападите врз Иран.
„Иранското раководство е неверојатно лицемерно. Тие бараат средба, некои дури би рекле и дека молат за неа. Разговорите почнуваат, веќе се закажани нови, а потоа тие отворено и гордо тврдат дека не водат никакви дискусии, дека за ништо не се преговара и дека работат само со Оман“, објави Трамп на сопствената мрежа.

Тој, исто така, наведе и дека блокадата нема да биде укината, освен ако САД и Иран не постигнат договор или Техеран не се предаде. Трамп тврди дека се во тек преговори и оти американската морнарица го контролира Ормускиот Теснец сè до постигнување договор или целосна капитулација на Иран.
Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи изјави дека нема никакви преговори, ниту закажани состаноци со САД. Тој наведе дека Иран следните денови не планира да прими странски делегации ниту да ги испрати своите преговарачи во странство.
„Единствени преговори кои се во тек се со Оман за управување со Ормускиот Теснец“, посочи Багеи.
Според него, идејата е да се користи кружна рута, наместо неколку одделни рути сè додека не се постигне конечен договор. Предложениот модел предвидува танкерите или товарните бродови да влегуваат во Ормускиот Теснец преку северна рута низ иранските територијални води. По пристигнувањето во пристаништата во Иран или во арапските земји од Персискиот Залив, бродовите за враќање да ја користат јужна рута низ територијалните води на Оман.












