Стомачните тегоби не стивнуваат, а секој ден носи нови пациенти пред вратите на здравствените установи во Гостивар. Вчера, според податоците на Министерството за здравство (МЗ), 127 лица за првпат побарале лекарска помош. Иако бројката е благо зголемена во однос на претходниот ден, таа сепак е пониска од најкритичниот период, велат од министерството. Во гостиварската болница биле извршени 91 преглед, додека дежурната служба на Здравствениот дом регистрирала уште 36 пациенти.
„Во текот на вчерашниот ден, помош во Гостивар побарало 91 лице од кои 50 нови случаи има на педијатрија и 41 ново лице на Инфективна. Едно лице е хоспитализирано на инфективно одделение и едно на педијатрија. Епидемиолошката состојба можам да кажам дека полека се смирува“, изјави д-р Зорица Зафироска, епидемиолог.
Најголем дел од пациентите кои побарале лекарска помош имале симптоми како диареа и повраќање, додава д-р Зафироска.
„По разговорот сите пациенти се со лесна клиничка слика и пуштени се на домашно лекување. Некои се испуштаат само со симптоматска терапија дома, а некои примаат по една инфузија на одделение“, додава д-р Зафироска.
Од 14 јули, кога биле регистрирани првите пациенти, до денеска, повеќе од 4.000 граѓани побарале лекарска помош во Општата болница и Здравствениот дом во Гостивар.
Најкритично било на 18 јули. За само еден ден биле прегледани 649 пациенти. Наредниот ден беше прогласена епидемија во градот поради загадена вода.
Симона Петровска
Б.С.
