20.000 евра ќе добие докторка која ја тужела болницата каде работела поради исцрпеност предизвикана од прекумерната работа, објави „Екатимерини“.
Елени Јоаниду, која работела на островот Крит како специјалистка по интерна медицина во болницата во Ретимно, поднела оставка во јануари 2023 година, откако повеќепати предупредувала на недостигот од кадар, напорните работни распореди и прекумерниот обем на работа.
Таа ја тужела болницата, барајќи надомест за 180 дена неискористен одмор и за нематеријалната штета предизвикана од прекумерната работа.
Откако претходно добила надомест за неискористениот одмор, на 26 јуни, Управниот суд во Ханија ѝ досудил и отштета.
Судот утврдил дека условите за работа ѝ го нарушиле физичкото и менталното здравје поради постојаната исцрпеност.
Ова е прва ваква судска одлука во Грција со која е досудена отштета за т.н. професионално согорување.
