Македонија денеска одигра храбро реми 29-29 против Португалија во рамки на 2.коло на Европското ракометно првенство. Селекторот Кирил Лазаров очекувано беше задоволен од резултатот против еден од фаворитите за висок пласман и селекција која лани на Светското првенство го освои 4.место, односно играше полуфинале.
„Видете, не знам дали смеам да кажам нешто што ми е на душа, има многу. Мораме да бидеме претпазливи, да не навредиме некој. Мислам дека доволно кажав, тоа е што е. Јас и пред почетокот на Европското првенство за медиумите изјавив, дека ние сме една мала земја и во моментот многу деградирани. Не е лесно да играш против вакви светски велесили, како што е Португалија. Ова не е никакво алиби, видовте и сами и тоа е така. Во иднина ќе биде многу тешко во иднина да се бориме со вакви работи“, изјави Лазаров по натпреварот во Хернинг.
„Јавноста сака, јавноста нè подржува, сака спорт, сака ракомет, можете да видите каков интерес има. Ништо друго сакам да им честитам од душа, од срце на нашите, односно моите играчи за она што успеаја да го направат денеска со полуфиналистот на минатото Светско првенство. Екипа која што се бореше за медал и дојдоа на ова Европско првенство без задршка и кажаа дека сакаат да освојат злато“, додаде нашиот предводник од клупата.
Македонија имаше проблеми во текот на натпреварот поради црвениот картон на Никола Маркоски и повредите на Иван Џонов и Петар Атанасијевиќ, но тимот се консолидираше и се избори за голем резултат.
„Ова е голем резултат за нас, бидејќи ако знаеме уште во првото полувреме ги загубивме првите две леви крила (Иван Џонов и Петар Атанасијевиќ) поради повреда, па моравме да комбинираме. Го изгубивме и нашиот најискусен играч Никола Маркоски поради црвен картон уште во 14-тата минута, кој многу пати во вакви натпревари помогнал за Македонија. Беше тешко, од се што планиравме со стручниот штаб, сите концепти се растурија и настана еден мал хаос при крајот на првото полувреме. Се обидовме тоа да го средиме некако за време на паузата. Второто полувреме не почна како што треба, но фала богу успеавме да ја најдеме ‘формулата’ и со голема борба, пожртвуваност и верба во себе успеавме да дојдеме до позитивен резултат“.
Лазаров рече дека го предвидел ремито со Португалија уште пред дуелот со Данска со напомена нашите ракометари да се борат лавовски против главниот фаворит за ако загубат да биде тоа со што помала разлика.
„Во еден момент, пред натпреварот со Данска им кажав на играчите да се борат за секоја гол и за секоја топка без разлика на резултатот, бидејќи гол-разликата може да ни одлучува и можеме да играме нерешено со Португалија. Сите 19 играчи во тимот го слушнаа тоа и можете да ги прашате за потврда и ете тоа се случува. Изгубивме многу енергија, многу емоции. Нашата крв е врела крв, македонска и треба малку сите да се смириме. Да се обидеме да отспиеме и утре дефинитивно нема да тренираме повторно. Да се одморат играчите и да видиме каква е нашата ситуација со повредените играчи, особено тоа важи за левите крила“, истакна Лазаров.
Вечерва Данска очекувано ја победи Романија и тоа со 39-24. За Македонија да мине во главната фаза на Европското првенство и да го освои второто место, во вторник мора да ја победи Романија со што поголема разлика, а Данска да ја декласира Португалија исто така што поубедливо. Моментално Македонија има гол-разлика -12, а Португалија +6.
Нашите ракометари мора да ја победат Романија, бидејќи исто така е многу важно да го задржат фаворитскиот статус за полесен бараж за пласман на Светското првенство во 2027 година.
