Македонија одигра 29-29 против Португалија во второто коло од групната фаза на Европското првенство во ракомет. Нашиот тим два пати се враќаше од негатива од пет голови во второто полувреме, а во драматичната завршница немаше ниту среќа ниту „една топка“ за целосен пресврт против фаворизираниот ривал, полуфиналист од последното Светско првенство. Херој на Македонија беше фантастичниот Филип Кузмановски со 15 гола, кој заслужено беше прогласен за играч на натпреварот.

Македонија добро го отвори мечот и поведе со 4-2. Во нападот игравме трпеливо, а во одбраната агресивно во формација „5-1“, со што им создававме сериозни проблеми на Португалците. Иако противникот водеше во поголемиот дел од првите 30 минути, разликата не беше поголема од два гола. Кузмановски беше најрасположен со шест погодоци во првиот дел, но Португалија на пауза замина со предност од 13-15 по голот на Франциско Кошта од седум метри.

Стартот на второто полувреме ни донесе конфузија во играта и Португалија со серија 1-4 стигна до највисоки +5. Сепак, Македонија не се предаде и постојано се враќаше. Клучен беше влезот на Мартин Томовски, кој во последните 10 минути го крена тимот со четири врвни интервенции. Следеше серија 5-1, а Серафимов израмни на 26-26 во 55. минута. Во финишот се играше „гол за гол“ – Португалија водеше, Македонија израмнуваше – за на крај мечот да заврши 29-29. Во последната минута Португалците имаа долг напад, бидејќи Томовски двапати одбрани, но топката повторно им се враќаше на гостите.
Кузмановски заврши со 15 гола од 18 обиди и четири асистенции, додека Мартин Велковски и Павле Атанасијевиќ постигнаа по четири гола. Томовски запиша осум одбрани. Кај Португалија, Франциско Кошта беше најефикасен со 11 погодоци.
Ова е првиот бод за Македонија на шампионатот, по поразот од Данска во првото коло. Во третото коло, во вторник од 18:00 часот, следува дуел со Романија, а шансите за пласман во главната рунда остануваат минимални, и покрај можноста со победа во последниот натпревар.
Фото: Ракометна федерација на Македонија
