Од Нова година, минималната плата во Македонија изнесува 24.379 денари, односно 397 евра, што е повисоко само од Косово во регионот. За споредба, највисоки минимални плати има во Црна Гора – 600 евра, во Србија се движат од 505 до 580 евра, а во БиХ и Република Српска изнесуваат 525, односно 511 евра. Албанија ја зголеми минималната плата на 444 евра. Во Црна Гора и во Република Српска минималната плата зависи и од образовниот степен.
На пример, лицата со високо образование во Црна Гора не можат да примаат помалку од 800 евра, додека во Република Српска минималната плата за дипломирани студенти изнесува над 740 евра. Во Србија, минималната плата се пресметува по бројот на работни часови во месецот, што резултира со различни износи од 505 до 580 евра.
Во Македонија, законско усогласување на платите е планирано за март и се очекува зголемување од 1.500 до 2.000 денари, односно околу 30 евра. Косово веќе ја зголеми бруто минималната плата на 425 евра, со нето 384 евра, а од 1 јули се очекува ново покачување на бруто платата на 500 евра, што ќе ја зголеми нето минималната плата на 450 евра.
