Иран го тресат масовни антивладини протести, најголеми од смртта на младата девојка со курдско потекло во затвор. Илјадници луѓе излегоа на улица во знак на незадоволство од власта. Протестите, во чија суштина лежи економска криза, ги иницираа трговци на 28 декември во Техеран за подоцна да се прошират во десетици градови во сите делови на земјата. Иранскиот ријал падна на рекордно ниско ниво, а инфлацијата порасна на 40 отсто. Економијата е под притисок на санкциите од САД, но и од лошо менаџирање и корупција.
На видео материјали кои се споделуваат на социјалните мрежи се гледаат пожари и чад во близина на објекти кои корисниците ги идентификуваа како згради на владата или локални управи во некои градови. Властите во Техеран засега не ја потврдија автентичноста на снимките, ниту излегоа со официјални информации за размерот на штетите.
A clearer-angle view of protesters setting fire to this government–military building in Tehran, accompanied by chants of “Long live the Shah.” pic.twitter.com/qzZHAYRnEM
— Amirhossein Miresmaeili (@AmirMiresmaeili) January 9, 2026
За време на масовните протести, иранските власти воведоа сериозни органичувања во комуникациите. Според информации на организации кои го следат интернет сообраќајот, во многу делови на Иран се прекинати или значително отежнати интернетските и мобилните врски, вклучително и мобилниот интернет и телефонските услуги. Целта на таквите мерки, според нив, е спречување на ширење на информации и координација меѓу демонстрантите. Засега нема официјално објаснување за размерот и времетраење на прекинот. Откажани се и летовите од аеродромите во земјата.
И додека немирите ескалираат, расте бројот на жртви. Извештаите на организациите за човекови права драстично се разликуваат од официјалните податоци. Американската новинска агенција за активисти за човекови права известува за најмалку 34 убиени демонстранти, меѓу кои пет деца и осум припадници на безбедносните сили. Според нивните податоци, уапсени се над 2.270 луѓе.
Органзацијата „Иран Хјуман Рајтс“ со седиште во Норвешка наведува дека безбедносните сили убиле најмалку 45 демонстранти, вклучително и осум деца. Иранските власти, пак, признаваат смрт на шест припадници на безбедносните сили додека „Би-Би-Си“ потврди идентитет на 22 починати лица.
С.Д.
