Во Косово е уапсен 25-годишен турски државјанин, осомничен за убиството на негов сонародник, извршено на новогодишната ноќ во Скопската чаршија. Осомничениот бил идентификуван со помош на снимки од видео-надзор, а биле сослушани и сведоци, информира Обвинителството.
Сè започнало со расправија во кафе-бар во чаршијата меѓу осомничениот и уште двајца турски државјани. Двајцата заминале кон плоштадот, но подоцна се вратиле во чаршијата, бидејќи не успеале да најдат такси.
При случајна средба со осомничениот, расправијата продолжила, по што тој извадил нож и четири пати го прободел во пределот на градниот кош и срцето 22-годишниот Ахмет Мерт Доган, кој починал на самото место. Убодна рана во грбот му ja нанел и на 23-годишниот маж, по што побегнал.
Обвинителството отвори истрага за две кривични дела – убиство и убиство во обид. Ќе се бара и негова екстрадиција.
