Анита Тополова Исајловска од републичкото обвинителство ќе биде в.д. обвинителка до изборот на наследник на Коцевски, но не подолго од шест месеци. Беше единствена кандидатка, избрана едногласно во Советот на јавни обвинители. Ја предложи членката Кети Петкова. Рече дека Советот нема увид во оценките на обвинителите за тоа да биде критериум, но ја предлага затоа што била заменичка на неколку обвинители во последните 10 години.
Тополова Исајловска е обвинителка од 2009 година. Во 2013 година е унапредена во Вишото обвинителство, а по само три години напредува и во републичкото обвинителство.
Нејзиното име во јавноста се споменуваше лани, кога поднесе барање за заштита на законитоста (БЗЗ) до Врховниот Суд за случајот „Талир“. Исајловска сметаше дека обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ треба да се укине, затоа што било поднеснео од неовластен тужител, по рокот од 18 месеци, согласно закон за СЈО. Но, и дека прислушкуваните разговори не треба да бидат докази. Врховниот суд го отфрли БЗЗ-то и продолжи предметот „Талир“. Таа е сопруга на екс заменик-министерот за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски и амбасадор во време на владата на Никола Груевски.
Коцевски поднесе оставка минатата недела. Законот предвидел во ваков случај Собранието, на предлог на Владата, да го огласи именувањето на Јавниот обвинител веднаш по испразнувањето на местото. Оглас за негов наследник сè уште не е распишан.
За државен обвинител може да биде избран обвинител или судија кривичар со непрекинат работен стаж од најмалку 10 години.
Огласот трае 15 дена, а потоа советот на јавни обвинители треба да даде мислење за сите пријавени кандидати. Владата може да предложи обвинител до Собранието, само некој од кандидатите што добиле позитивно мислење од Советот.
Коцевски ја напушти функцијата на денот кога собранието требаше да расправа за негово разрешување. Обвини дека постапката за разрешување е политичка и правно неаргументирана и пример за политичките притисоци врз правосудството кои ја парализираат борбата со корупцијата.
Елена Ивановска Мукоска
