Исфрустриран и изнервиран поради претходната загуба 53-годишниот битолчанец се вратил во казиното на „Широк Сокак“ со секира за да си ги врати парите.
Секирата ја носел во јакната, а ја извадил непосредно пред вработената која била на смена во тоа време. Тој барал од неа да му ги врати изгубените 8600 денари кои ги изгубил играјќи на слот машините.
„На 15 декември, во казино на „Широк Сокак“, со закана дека непосредно ќе нападне со опасно орудие – секира врз животот и телото на една оштетена, барал да му се вратат парите, односно 8.600 денари кои ги изгубил играјќи на слот машините“, стои во соопштението на обвинителството.
Исплашена за нејзиниот живот, таа од касата ја извадила побараната сума и му ја дала, по што тој си заминал од казиното. Јавното обвинителство Битола донесе наредба за истражна постапка против разбојникот, а поради можност за повтрување на делото јавниот обвинител побара и мерка притвор од надлежниот судија.
Т.Д.
