Комисијата за стручен надзор да утврдува дали имало пропусти во лекувањето на новороденчето кое починало на ГАК на 1 октомври годинава, препорача Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) кој изврши вонреден надзор на клиниката. Нивниот надзор не утврдил недостатоци во водење на медицинската документација. Бебето, според документацијата која ја добил инспекторатот, било два пати реинтубирано, но не и на денот кога починало.
„Поради тешката состојба, пристапено е кон кардио-пулмонална реанимација, даван е адреналин во три наврати, но без успех и настанат е exitus letalis во 19 часот на 1 октомври“, изјави Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
На прашање дали тој ден имало реинтубација која траела 20 минути, директорот одговори дека, согласно законите и нивната надлежност, вршат надзор на медицинската документација и постапката и третманот на пациентот.
„Но, ние како Државен санитарен и здравствен инспекторат ќе поднесеме иницијатива до Минситерот за здравство да формира Комисија за стручен надзор која ќе треба да утврди дали имало пропусти во лекувањето на почнатото дете“, изјави директорот.
Лазов смета дека директорката на ГАК постапила правилно со иницирање на Комисијата за следење и унапредување на квалитетот на здравствена заштита, а заедно со дисциплинска комисија треба да утврди дали има недостатоци во лекувањето.
Сè уште нема извештај од обдукцијата на бебето. Родителите на бебето најавија дека ќе поднесат кривична пријава. Скопското обвинителство соопшти дека ќе ги истражува причините за смртта на новороденчето. Од ГАК реагираа дека обдукциониот наод е единствен и конечен во проценката дали или не постоела грешка при лекувањето.
Марија Митевска
