Франција го блокираше затворањето на две поглавја во преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската Унија, потврдија дипломатски извори по состанокот на постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ во Брисел.
Сепак, се очекува Подгорица следната недела да затвори три други поглавја, пренесува МИА.
Според информациите, Црна Гора би можела да ги затвори поглавјата за правото на основање компании и слободата на обезбедување услуги, слободното движење на капиталот и трговското право.
Меѓувладината конференција е закажана за 16 декември, во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ.
Франција се спротивстави на затворањето на поглавјата за земјоделство и рурален развој и за рибарство, кои засега остануваат отворени.
Дипломатски извори најавуваат нови консултации во текот на викендот, додека Црна Гора продолжува со процесот на преговори што официјално започна во 2012 година.
