И покрај тоа што од град Скопје тврдат дека немаат дадено дозвола за лунапарк во Зимзолендот, а од општина Аеродром за Телма велат дека е поведена инспекциска постапка за отстранување на опремата. Сопственикот на фирмата која го постави Зимзоленд во Аеродром, Панде Димов и неговите двајца адвокати демантираат дека ќе се отстранува опремата од овој лунапарк.
Не сакаа да дадат официјална изјава за Телма, ниту писмен демант, но тврдат дека не се точни информациите дека паркот ќе биде отстранет. Се заканија со тужба ако не ги објавиме нивните тврдења. Според нив, тие ги имаат сите потребни документи. На увид дадоа неколку за кои тврдат дека се севкупниот материјал што им е потребен за работа.
Еден од документите е известување што го испратиле до општината дека ќе постават реквизити и договор за закуп на просторот со фирмата Глобал импакт која е сопственик на парцелата. На ова општината им одговорила дека треба да ги соберат сите потребни дозволи, согласности и сите мерки за безбедност.
Од Аеродром на крај им пишуваат дека се надеваат дека ќе предизвика особен интерес кај јавноста а особено кај помладата популација.
Газдата и адвокатите приложија и сертификат за безебедност на опремата и лиценци за вработените.
Но, од Град Скопје и денеска тврдат дека не дале дозвола за реквизитите на Димов да бидат поставени на приватна парцела. Поради тоа и наложиле на Општина Аеродром да постапи.

„Комуналниот инспектор на Град Скопје на ден 11.12.2025 година изврши вонреден инспекциски надзор. На лице место е констатирано дека правниот субјект нема одобрение за поставување на луна парк на приватен имот од надлежен орган од Град Скопје. Бидејќи Комуналниот инспектор нема надлежност за отстранување на реквизити за поставување на лунапарк ве молиме да постапите согласно вашите надлежности од Законот за градење.“стои во дописот од град Скопје до општина Аеродром.
Претходно Градоначалникот на Аеродром Дејан Митески потврди дека е отпочната инспекциска постапка за отстранување на поставената опрема.

„Согласно законските и подзаконските акти за поставување на урбана опрема без оглед дали просторот е приватен или е во сопственост на Република Македонија се издава одобрение за поставување на урбана опрема. Општина Аеродром единствено во тој дел да инспектира дали е издадено одобрение за поставување на урбана опрема“, вели Дејан Митески, градоначалникот на општина Аеродром.
Во 2022 година занаетчија Панде Димов се пријави дека е сопственикот на опремата за лунапаркот кој предизвика внимание пред салата Борис Трајковски после сомнежите дека нема дозвола. Тогаш обвинителството оформи предмет по допрен глас. Епилог немало бидејќи на терен се утврдило дека реквизитите биле веќе отстранети а обвинителстовто немало докази за евентуални сторители на кривично дело.
Сега од обвинителството чекаат дали ќе постапат институциите, ако не повторно ќе отвори предмет.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T.Д.
