Вести Македонија Најважни

Пратеничката група на СДСМ ќе се спаси од партиската чистка

Партиската чистка на раководството и Извршниот одбор нема да ја зафати и пратеничката група на СДСМ. Филипче нема да бара враќање на пратеничките мандати, затоа што смета дека тие се искусни професионалци кои се добар репрезент на партијата во Собранието. За критиките дека требало и самиот да си поднесе оставка, наместо да бара одговорност од сите останати, вели дека има право на ваква реформа.

„Јас имам право да го изберам најдобриот тим и имам и политичко, етичко и морално право тој тим да го модифицирам. Добро е што тоа го дискутираме и со членовите на Извршниот и на Централниот одбор“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Негира дека членовите на Извршниот одбор од кого синоќа побара оставки, му биле наметнати од екс-претседателот Зоран Заев. Обвини дека тоа е теза на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа обвинување провејува и во реакциите на партиското членство кое е поделено и за синоќешниот потег.

На социјалните мрежи обвинуваат дека неговиот потег уште еднаш покажува дека СДСМ е султан-партија и нема никаква врска со демократија.

„„Коцкарот“ кога губи, посегнува и по последното што го поседува, а тоа е неговиот дом. Од тука има два различни начина како ќе продолжи. Првиот е да седне и да се „испазари“ со таканаречените различни струи во СДСМ, но тогаш, горе-долу, Извршниот одбор ќе биде ист, можеби со некој сменет лик, но под иста диригентска палка, која се разбира, не е кај Венко. Вториот начин е да состави свој Одбор, кој нема да биде под влијание на овие т.н. струи, но тогаш ризикува да нема кворум на ЦО. Ќе видиме кој пат ќе го избере според составот на раководството“, напиша поранешниот директор на ПОЦ, Васко Кичевски на Фејсбук.

Поранешниот струмички градоначалник, пак, кој пред локалните избори го замрзна членството во партијата затоа што не беше повторно кандидиран, сега го поздрави потегот на Филипче.

„Како замрзнат член, сметам дека иако дел од претходните одлуки на раководството на мојата СДСМ беа исклучително нетактични, денешниот чекор е движeње напред. Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена“, напиша Костадин Костадинов на Фејсбук.

Членови на партијата сметаат и дека процесот на консолидација бара избор на искрени и посветени кадри. Се бара и промена на партискиот Статут и сериозна реформа за враќање на демократискиот капацитет, со цел да се спречи продлабочување на кризата што веќе станува егзистенцијална.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе