Вести Свет Топ вести

По жестоките руски напади – повеќе од 600 000 луѓе во регионот на Киев се без струја

Критичен период за Украинската држава. Додека руските проектили и дронови безмилосно ги уништуваат енергетската мрежа и бројни станбени објекти во државата а расте и меѓународниот притисок, предводен од САД за прифаќање на мировниот план, Украина ја тресе и голем внатрешен корупциски скандал кој допира до највисоките функционери.

Повеќе од 600 000 луѓе во поширокиот регион на Киев се денеска без електрична енергија по жестокото руско бомбардирање.

Над половина милион луѓе се жители на главниот град на државата, додека останатите се во блиските приградски населби.

Истовремено, Зеленски мора да се справува и со последиците од големиот коруптивен скандал, кој го открија двете специјализирани агенции за борба против корупцијата, поврзан со мито и злоупотреби со компанијата Енергоатом, каде биле проневерени околу 100 милиони долари.

Откако анти-корупционерите вчера влегоа и во домот на десната рака на Зеленски, Андриј Јермак, тој беше принуден да поднесе оставка на својата функција. Иако формално засега не е обвинет во рамките на истрагата, во ситуација кога од Украинците се бара да живеат без греење и струја, обвинувањата и сомнежите за корупција на државните претставници го зголемуваат бесот кај јавноста.

„Нема никаква доверба во овој човек. Што сѐ се случува на фронтот а ние слушаме вести за корупција за сите нивоа на власта. И кој е тој? Целосно непознато е од каде дојде Јермак и што правел пред оваа функција“ – вели Хенадиј Свјатенко, жител на Киев .

Многу е чудно дека личноста која претходно работела во кино сала, сега раководи со канцеларијата на Претседателот. Ова би било апсурдно во секоја друга држава. Нејасно е како сега ќе продолжат нештата, затоа што како што може да видиме, сѐ се распаѓа полека. Прво беше Миндич, сега е Јермак и не е јасно што ќе се случи следно“ – изјави Михајло Манжула, жител на Киев.

Според Украински извори, Русија во текот на ноќта и раните утрински часови, лансирала повеќе од 36 проектили и речиси 600-тини дронови на цели ширум Украина, од кои противвоздушните сили успеале да уништат 558 дронови и 19 проектили.

Русија секоја година од почетокот на инвазијата врз Украина во овој период од годината ги интензивира нападите врз цивилната и енергетска инфраструктура на соседната држава, со цел да го присили цивилното население да живее на температури под нулата, без греење и струја.

Силни експлозии се слушнале утринава во Киев а пожарникарите подоцна интервенирале на повеќе уништени згради. Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, 29 луѓе се повредени во бомбардирање, меѓу кои и 13 годишно дете.

Коруптивниот скандал и жестокото руско бомбардирање доаѓаат додека Украинските преговарачи се подготвуваат за нова рунда преговори со претставници на САД во текот на викендот. Администрацијата на САД притиска двете страни да го прифатат неговиот нацрт план, кој првично делуваше како да е напишан во Кремљ, но подоцна беше ревидиран по разговорите со Украинските претставници и нивните европски сојузници во Женева.

Но, ако се суди според изјавата на Путин, дека мир ќе има само кога украинците ќе се повлечат од територијата која Русија ја смета за своја, мислејќи на Донбас, и постојаното бомбардирање енергетски и цивилни цели во Украина – и овој обид за мир најверојатно е осуден на неуспех.

Н.И

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вечерва отворање на изложбата „ Трага во времето“ за 10 години Национален џез оркестар

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Изнуденото извинување не го брише срамот на Мицкоски, тоа ли е премиер, професор, пример за младите?

Дејан Дејан

Обвинителството отвори истрага за синот кој му нанел 30 убоди со нож на татко си кој претходно ја нападнал мајката на 30-годишникот

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе