Четири куќи во тетовското планинско село Шипковица се наоѓаат во опасност од уривање по интензивната ерозија на земјиштето што се случи ноќта меѓу средата и четвртокот по повеќедневните интензвни врнежи од дожд. Локалните жители алармираат за состојбата и бараат да се направат потпорни ѕидови како што има на неколку места низ селото.
Оваа ерозија на земјиштето е причина околните четири куќи во тетовска Шипковица да бидат во опасност од уривање, па мештаните превентивно и привремено престојуваат кај роднини и соседи. Ноќта помеѓу средата и четвртокот, во два наврати земја се одронила и паднала на овој скалесто-ридест предел во ова планинско село.
„Паднала оваа огромна земја од горе. Ние сме сега на ризик не можеме да седиме внатре во куќите, и како се види, се ризикуваат и овие две куќи горе да паднат на нас. Јас сум била на оваа соба, све сум чул не сум спиел, цела ноќ до сабајле кога паднало ова во 1:20 часот падна, прво, а втората околу 3 часот“, вели жителот Мумин Велија.
„Ова е ризик. Полицијата ги тргнал сега моментално од своите куќи. Сега кај комшиите се а за ризик се гледа како е ризикот е додека се среди нешто ризик“, потенцираше Исљам Велија.
Во селото на повеќе места веќе се изградени потпорни ѕидови во насока на превенција од свлечишта. Мештаните сега очекуваат тоа да се направи и во овој дел од селото.
„Рекоа дека ќе прават ѕид од кризни штаб што е разговарал со градоначалник, рекле ќе го прават ѕид. Ама малку време.Како ќе иде, Дај Боже да го прават, ќе го спасат и нас и овие горе“, додаде Мумин Велија.
Од Општина Тетово нема детали за евентуална итна интервенција.
„Кризниот штаб на Општина Тетово во соработка со Центарот за управување со кризи внимателно ја следи состојбата во Шипковица, каде што како резултат на свлечиштето се загрозени четири куќи. Исто така, членовите на четирите семејства веќе се евакуирани и се згрижени кај свои роднини. Вкупно 17 жители ги напуштија своите домови, додека врнежите од дожд продолжуваат“, соопштуваат оттаму.
По големо невреме во август 2015 година со поплави и свлечишта четири лица од кои три деца ги загубија животите. Од тогаш почна уредување на речно корито со цел да водотекот да не предизвикува нови поплави. Мештаните велат дека коритото не е целосно уредено.
„Требаше да се прави ѕид за реката, инвестирала проектот УНДП и не е реализирано само до мостот горе во село. Од мостот 110 метра треба да дојде доле, по проектот, што е во општина усвоено све, ама зошто не е правено тоа не знам“, вели Мумин Велија.
Шипковица има околу 1500 жители.
Aлександар Самарџиев
Дигитална обработка: T.Д.
