Правосудниот систем во Македонија останува „под лупата“ на јавноста со отворени прашања – од недоволната кадровска пополнетост, до недостигот на финансии и хронично застарената инфраструктура. Новите изјави од институциите и политичките чинители ги обновија дилемите – како да се обезбеди функционален, независен и ефикасен систем.
Од Судскиот совет стигна пораката: „без финансии, не можеме да градиме судство“. Премиерот останува цврсто на ставот дека не гледа причина за зголемување на платите на судиите и според него 0,3% од БДП е доволно за судството.
Претседателот на Судски, Камбовски, вели дека реформите на системот подразбираат цел пакет законски усогласувања и платите не се единствена точка.
„Платите на судиите се еден минимален дел од тој пакет на реформи којшто нашата држава се согласила да го направи. Не се согласиле судиите или тие не го барале тоа. По европскиот пат којшто ние го одиме, европските реформи коишто треба да ги преземаме вклучуваат и измени на еден куп закони – тука беше Законот за судски совет, Законот за Јавното обвинителство, Кривичниот законик, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Во ниеден од овие закони воопшто не станува збор за платите на судиите“, изјави Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет.
Камбовски, вели – прво да се утврди реалната состојба и да се види со што се располага во моментов, за да се каже дали е доволно да се одвои 0,3% од БДП за судството, што е под законскиот минимум.
Претседателот на Владата, Мицкоски, веќе кажа дека ќе се направи закон кој ќе дозволи плановите за вработувања и за унапредувања да ги одобруваат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, но ќе бараат отчет каде се трошат парите, а собраниска комисија ќе врши надзор на работењето на судовите и обвинителствата.
„Ако сите згради, зборувам за физичките згради на сите судови ги доведеме во една достоинствена состојба, доколку во сите судски згради имаме доволно записничари, доволно стручни соработници – тоа значи веќе стабилизирана состојба во судството. После тоа може да нема потреба од толкав буџет, можеби ќе биде помал за одржување на ова што ќе го направиме. Меѓутоа, однапред тоа никој не може да каже колку е потребно. Но, ако сакаме да градиме судство, без финансии тоа едноставно не е можно“, додава претседателот на Судски, Камбовски.
Судскиот совет денеска го презентираше и новиот Предлог-програмски акциски план за борба против корупцијата, за периодот од 2026 до 2029 година. Документот ги вклучува препораките од извештаите на Европската унија, ГРЕКО и други меѓународни оценски мисии. Овој План и програма треба да бидат усвоени на седница на Судскиот совет. Има точни чекори и временски рамки до кога треба да се преземат.
Програмата е дел и од Реформската агенда на патот кон ЕУ. Во годишниот извештај за напредокот на земјата, Европската комисија „алармираше“ за притисоци врз Судскиот совет, недостиг на кадар и средства, и поткопана ефикасност на судството.
Петар Догов
