Македонското правосудство повторно е во фокусот на јавноста поради серијата изјави кои ги отвораат старите, но нерешени системски проблеми. Недостатокот на кадар, ресурси и финансии ја отежнуваат борбата со криминалот, а правните експерти предупредуваат дека слабостите на системот бараат суштински реформи и дологорчни решенија.
Политичките ставови околу финансирањето и организацијата на правосудството остануваат поделени. Премиерот Мицкоски останува цврсто на ставот дека не гледа причина за зголемување на платите на судиите и на обвинителите и според него, за правосудството е прифатливо да се одвојува 0,39% од БДП.
Мицкоски ја повтори тезата дека државата за правосудниот систем одвојува повеќе од 75 проценти од земјите-членки на Унијата.
„Да речеме за судовите се одвојуваат 0,3%, а другото отпаѓа на обвинителите и доаѓаме до вкупен број од 0,39%. Не гледам како можеме ние да си дозволиме да покачиме на 1,3% или 0,8% за судови и 0,5% за обвинители од БДП, што би било некаде околу 260 милиони долари годишно, кога тие пари ги немаме! Не е тоа мнозинство на обвинители и судии, тоа се поединци коишто зафатиле позиции, не се мрдаат и со кран не можеме да ги поместиме од таму, седат и грчевито се борат за фотелјата – малку им се три илјади, сакаат пет илјади евра плата месечно“, изјави премиерот Мицкоски.
Адвокатот Драган Малиновски во Топ Тема на Телма изрази сериозна загриженост за состојбите во македонското правосудство, нагласувајќи дека проблемите не можат да се решат преку привремени и површни мерки. Не само што се отежнува функционирањето на системот, туку и кадровските ресурси не се обезбедуваат навремено.
„Мислам, срамота е за вработување во администрација да треба да бараат согласности од Министерството за финансии, па тие не им даваат. Искрено, не можам да го препознаам концептот – ако го има тој концепт, во делот на правосудството. Се сложуваме дека состојбите во правосудството се проблематични. Меѓутоа, таму имаме системски и структурни проблеми кои навистина не се решаваат со некои инстант решенија“, кажа адвокатот Драган Малиновски во „Топ тема“ на Телма.
Претседателот на Владата вели дека ќе се направи Закон кој ќе дозволи плановите за вработувања и за унапредувања да ги одобруваат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, но ќе бараат отчет каде се трошат парите, а собраниска комисија ќе врши надзор на работењето на судовите и обвинителствата.
Ако Владата добива критики за тоа во извештаи во иднина, Мицкоски вели: „подготвен сум политички тоа да го поднесам“.
Петар Догов
