Вести Најважни Свет

Израелската морнарица ја запре флотилата со помош за Газа и уапси десетици активисти – масовни протести во Италија

Израелската армија ги пресретна, запре и ја презеде контролата на чамците и бродовите кои носеа хуманитарна помош за Газа. Приведени се и повеќе активисти, дел од оваа флотила, меѓу нив и активистката Грета Тунберг.

Израелското министерство за надворешни работи соопшти дека неколку бродови кои биле дел од глобалната флотила Сумуд била безбедно запрено, по што луѓето кои патувале со бродовие биле пренесени во израелско пристаниште.

Според израелците, бродовите од флотилата биле запрени затоа што се приближувале до активна борбена зона.

„Ова е израелската морнарица. Се приближувате до блокирана зона. Ако сакате да доставите помош за Газа, може да го направите тоа преку постоечките канали. Ве молиме променете го правецот кон пристаништето Ашдод, каде помошта ќе биде подложна на безбедносна проверка и потоа пренесе до појасот Газа“ – им се закани на членовите на флотилата, израелски војник.

 „Ви укажуваме дека ние сме хуманитарна, ненасилна мисија на солидарност со цел да ја прекинеме незаконската блокада воведена од Израел пред 18 години против палестинскиот народ во Газа и да создадеме хуманитарен коридор. Пренесуваме единствено храна, помош, носиме филтри за вода, носиме патерици, бебешка храна за луѓето кои вие ги изгладнувате до смрт. Ние сме во меѓународни води, кои не се под ваша јурисдикција. Патуваме кон палестинските територијални води кои не се под ваша јурисдикција“ – одговори Тијаго Авила, член на управниот комитет на глобалната флотила Сумуд.

Глобалната флотила Сумуд, со Грета Тунберг, Мандла Мандела, внук на Нелсон Мандела и неколку европски законодавци се состои од речиси 50 помали бродови и чамци и 500-тини активисти кои превезуваат симболични количини хуманитарна помош. И покрај многуте пречки и закани остана непоколеблива во својата намера да ја прекине израелската блокада на брегот на Газа и да стигне до Палестинците.

Според информациите, флотилата била запрена околу 70 наутички милји ( односно 129 километри) од брегот на Газа.

Конвенцијата на ОН за законите за пловење во морињата предвидува дека државите имаат јурисдикција до 12 наутички милји (22 километри) од своите брегови. Како правило, државите немаат право да ги запленуваат бродовите во меѓународните води, иако вооружените конфликти се исклучок од ова правило.

Израелската влада секако обвини дел од членовите на флотилата за врски со Хамас, без да обезбеди никакви докази за овие тврдења.

Запирањето на флотилата предизвика и реакции на лидерите на земјите чии граѓани беа приведени и ќе бидат депортирани од Израел, иако идеолошката припадност на политичарите јасно се огледува во коментарите кои ги дадоа.

„Јасно и кажавме да владата на Израел дека е неопходно да ги заштитиме права, не само на нашите државјани, туку и на сите учесници на флотилата. Во секој случај, од страна на Шпанија ќе обезбедиме целосна дипломатска заштита“ – изјави шпанскиот премиер, Педро Санчез.

„Јас и натаму верувам дека сето ова нема да има никаква корист за палестинскиот народ. Напротив, јас разбирам дека ќе предизвика многу проблеми за италијанските граѓани“ – вели премиерката на Италија, Џорџа Мелони.

За разлика од Мелони, италијанските граѓани не покажуваат рамнодушност кон страдањата на палестинците. Иако во повеќе држави, како Германија, Турција и Тунис се одржаа спонтани протести против запирање на хуманитарната флотила, најжестоките и најмасовните беа во италијанските градови, каде десетици илјади луѓе излегоа на улиците.

Италијанските синдикати за утре најавија и одржување на генерален штрајк, како што соопштија во одбрана на флотилата, уставните вредности и на Газа.

Истовремено, колумбискиот претседател, Густаво Петро, ги протера преостанатите израелски дипломати од својата држава како одговор и го осуди запирањето на бродовите од флотилата како меѓународно злосторство од страна на Нетанјаху.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови откритија на локалитетот Кале во Крупиште – целосно е дефинирана уникатната базилика со глаголички натпис

Tea Dimkovska

Чибишев: Суицидални се дури 95 отсто од случаите на труење на Токсикологија

Tea Dimkovska

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да струши дивоградба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе