Во дворот на Полициската станица во Пробиштип денеска беше откриена спомен-биста во чест на загинатиот полицаец Тоше Тодоровски, кој го загуби животот за време на службена должност при пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
На свеченоста присуствуваа семејството на Тодоровски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на БЈБ Александар Јанев и претставници од СВР-Штип.
Министерот Тошковски истакна дека споменот на Тоше ќе остане вечно жив, нарекувајќи го голем човек и херој.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Мартин Ефремов, му порача на таткото на Тоше дека иако изгубил син, добил илјадници „синови и ќерки“ во полициската униформа кои ќе стојат до семејството.
Со положување на свежо цвеќе од страна на присутните, беше оддадена последна почит на полицаецот Тодоровски, чија жртва останува длабоко врежана во колективната меморија на полициската служба и јавноста.
