Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги исмеа вчерашните пораки од Москва, откако Кремљ одговори на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Русија е „хартиен тигар“.
–Цел ден го слушаме Кремљ како вели: ’Не, ние не сме хартиен тигар. Ние сме мечка’. Па, знаете, ако сте мечка, не мора да нагласувате дека сте мечка бидејќи сите ќе го забележат тоа во секој случај. Тоа покажува голема слабост од руска страна. Јасно е дека претседателот Трамп погодил нерв, изјави Руте за Фокс њуз.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно одговори на зборовите на Трамп велејќи дека Русија е мечка, а не тигар, додавајќи: „Не постои такво нешто како хартиена мечка“.
Тој, исто така, го коментираше тврдењето на Трамп дека Украина може да ја врати целата окупирана територија под своја контрола, велејќи дека „руските сили напредуваат на сите фронтови во Украина“ и дека „динамиката на војната е очигледна“.
Зборувајќи за можноста за средба меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски, Песков потврди дека „средба меѓу двајцата без соодветна подготовка би била ПР-шоу осудена на неуспех“.
Американскиот претседател Доналд Трамп завчера изјави дека земјите-членки на НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор. Тој исто така рече дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја зеде од почетокот на инвазијата, иако претходно изјави дека и Киев и Москва ќе мора да се откажат од дел од територијата за да се стави крај на војната.
