Уставни измени до февруари идната година, без прифаќање на нови барања од билатерален и идентитетски карактер, како и целосно придржување на Владата и на сите институции кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ, се црвените линии во резолуцијата на СДСМ. Со неа се предлага дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на членство на Македонија во ЕУ.
„Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на Европската Унија без какви било објаснувања, додавки или фусноти, вклучувајќи ги сите детали дефинирани во Заклучоците на Собранието донесени на 16 јули 2022 година. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија. Ова се нашите црвени линии од кои не треба да се отстапи“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Со резолуцијата се бара и проактивен пристап кон преговорите, итен ангажман на ниво на ЕУ, координација за исполнување на домашните обврски од Преговарачката рамка, максимално забрзување на реформите. Иако претходно предлагаше да се прекинат преговорите, доколку не се почитуваат црвените линии, во резолуцијата нема ништо такво. Филипче смета дека сегашната формулација е подобра. Резолуцијата ќе биде доставена до Собранието по изборите, за да не се злоупотребува во предизборната реторика.
Резолуцијата содржи и временска рамка, најдоцна до 25 ноември годинава, владата да се изјасни дали останува на истиот текст или предлага нов текст кој би требало да биде доставен до Собранието до 1 декември. Првото гласање на уставните измени да биде најдоцна до 15 декември, а постапката да заврши најдоцна до 10 февруари идната година, по што треба да се повика Европската комисија да организира Меѓувладина конференција на која ќе се донесат сите потребни одлуки за деблокирање на преговорите и ќе биде отворен првиот кластер – Темелни вредности.
Далиборка Демјанска Цветановска
