Вести Македонија Најважни

Инспектори во надзор на тетовската болница – се проверува текот на лекување на 7-годишното девојче

Здравствените инспектори од утрото вршат вонреден инспекциски надзор во тетовската болница. Се проверува текот на лекувањето на седумгодишното девојче кое почина во неделата, еден ден откако било хоспитализирано во тешка здравствена состојба. Семејството обвинува за медицинска небрежност, а лекарите тврдат – дале сè од себе. Што точно се случило истражуваат две комисии – интерна, како и комисија на Министерството за здравство, за да дојдат до одговорите за случајот.

„Веќе од утрово инспекторите на ДСЗИ вршат вонреден инспекциски надзор и тоа во Клиничката болница Тетово, а потоа и во матичната амбуланта каде што неделава било лекувано починатото девојче. Во текот на денешниот ден очекувам надзорот да биде завршен“, изјави доктор Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.

Семејството не дозволило обдукција, туку го погребале телото на девојчето. А, на прашањето – што понатаму во оваа ситуација, од обвинителството велат дека се проверуваат сите пропратни елементи во случајот.

„Основното јавно обвинителство Тетово уште во текот на вчерашниот ден издаде повеќе наредби и насоки за да се испита начинот на кој телото на починатото девојче било предадено, односно преземено од семејството. Дополнително, издадена е наредба за обезбедување на медицинска документација, а се вршат и распити на повеќе лица“, информираат од Јавното обвинителство. 

Според информациите од болницата, девојчето било примено на Одделението за педијатрија во саботата во 20:40 часот со мускулни болки низ цело тело и во дехидрирана состојба, по што е почната рехидратација. Потоа се појавила потреба од интервенција и на друго одделение. Обвинител од ОЈО Тетово пред два дена издал усна, а потоа и писмена наредба за обдукција на телото, а бил известен и дека има инцидент со оштетување на имот на болницата – без детали што точно се случило.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе