Вести Македонија Најважни

Пожарот во Трубарево го затру воздухот во Скопје со кадмиум

Дванаесет пати повеќе од дозволената количина на кадмиум имало во саботата околу 20 часот во столбовите чад од депонијата во Трубарево, чад кој ветрот го носеше кон Скопје и го покри градот. Зголемени концентрации на честички на тешки метали и на токсини се детектирани во примероците од воздух кои беа земени во непосредна близина од отпадот кој повеќе од 14 часа беше во пламен.

Од дозволените максимални 0,5 нанограми олово на метар кубен апаратите на акредитираната лабораторија „Еуромак“ измериле 0,75 нанограми, 8,9 нанограми арсен наместо дозволените максимални 6 нанограми и опасната бројка од 59 нанограми кадмиум на метар кубен што е 12 пати повеќе од максимално дозволените 5 нанограми. Количината на никел во воздхот е во дозволените граници, а има и речиси двојно поголема количина на ПМ10 честичките од дозволените 50.

„По пожарот е регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ₁₀, олово, кадмиум и арсен. Беа измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но тековните мерења покажуваат дека состојбата на воздухот е стабилизирана и во рамките на дозволените граници“, информираат од министерството за животна средина.

Од министерството за животна средина соопштија дека во изминатите денови се извршени мерења на квалитетот на воздухот кои покажале дека нема загадување и дека вредностите се во дозволените граници.

Обвинителството вчера отвори истрага за кривично дело „Загрозување на животната средина и природа со отпад“ со која се опфатени фирмата „Ф групација“, Марјанчо Дамевски сопственик на компаниите „Нула отпад“ и „Ле Ман“, неговата ќерка Лора Дамевска и уште две лица. За Дамевски е одреден 30-дневен притвор додека на останатите осомничени им е изречена мерката куќен притвор.

Обвинителството утврдило дека Дамевски бил неформален сопственик на отпадот во Трубарево и раководел со сите операции.

„Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање“, велат од обвинителството. 

Според обвинителството, Дамевски и неговата ќерка, спротивно на законот за управување со отпад, складирале опасен и неопасен отпад во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на почвата и воздухот и ризик по здравјето на граѓаните со складирање на опасниот отпад.

„Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“, додаваат од обвинителството. 

Третиот осомничен опфатен со истрагата е раководител на подружница, а четвриот е лице кое не било вработено во „Ф Групација“, но го рециклирало отпадот.

Останува нејасно како фирмата „Ф групација“ добила продолжување на дозвола за работа ако се земе предвид дека отпадот се наоѓа во населено место. Според дозволата, тие дневно смеат да примат 20 тони неопасен и 500 килограми опасен отпад. Надлежните кажаа дека во последните четири години се направени пет контроли во отпадот и не биле утврдени никакви нерегуларности.

Сепак и по речиси една недела нема информација што точно изгоре во катастрофалниот пожар, односно колкава количина и каков опасен отпад. Надлежните тврдат дека „Ф групација“ изготвувала дневни, неделни, месечни и годишни извештаи за прием на отпад кои потоа се доставувале до министерството, како и дека комплетната документација се наоѓала на друга локација и дека е предадена на обвинителството.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе