Хибридна војна или не, внатрешни или надворешни центри на моќ, обиди за дестабилизација на државата. Ова се тезите на Владата и надлежните за серијата пожари кои избувнаа во депонии, диви депонии, отпади за метал и за опасни материи за кои тврди дека се подметнати. Експертите, пак, велат дека за вакви заклучоци е сè уште рано.
„Истрагата треба да покаже кои се причините, нормално по спроведување на истрагата да се направи заклучок и анализа согласно прибраните материјални и вербални докази и да се види дали ова што го зборуваат политичарите е вистина или не. Деновиве се соочуваме изјави каде што немаме поднесено кривична пријава а имаме индиции. Ако имавме индиции зошто не спречивме?“, вели Владимир Пивоваров, експерт за безбедност.
Индициите и сомневањата кои надлежните ги презентираат во јавноста треба да ги потврди истрагата и евентуални кривични пријави против осомничени лица, а експертите сметаат дека мора да се подобри делот на превенција, особено по пожарот во отпадот за метал и возила во Визбегово.
„Основаните сомненија во нешто опипливо треба да ги претвори истрагата со поднесе обвинителен акт. Ние сега располагаме само со основани сомненија дека можно е тоа, можно е такво дејствие, можно е субверзивно дејствие. Јас не би зборувал за хибридна војна, бидејќи тоа е мешавина на повеќе“, изјави Љубомир Ѓурчевски, експерт за безбедност.
За експертите е нејасно зошто досега не е состанат советот за безбедност.
„Кога зборуваме за изјавите дека се работи за странски и домашни центри на моќ. Доколку е така не знам зошто и во која нормална земја не би бил свикан прво советот за безбедност, ние имаме кризен менаџмент и управувачки тела, меѓутоа главните смерници и насоки за постапување на институции и задолженија во ваква тешка ситуација ги дава советот за безбедност“, додава Пивоваров.
Двајцата експерти се децидни дека серијата пожари уште еднаш ги извадија на површина пропустите во системот и во непостапувањето на државните институции и како пример го посочуваат децениското постоење на дивата населба крај Вардариште.
„Има сплет на институции кои што во кои што имаме енормни пропусти за да ни се создаваат и диви депонии и нефункционалност, немање на евиденции кој откупува, што откупува и од кого откупува, дали се тоа предмети од кривични дела, кражби…“, вели Ѓурчевски.
Според експертите присутна е опасноста дека серијата на пожари ќе продолжи бидејќи надлежните институции засега немаа одлучни мерки и акции и нагласуваат дека паралелно уште од сега државата и институциите треба да почнат проактивно да се подготвуваат и да преземаат превентивни мерки како контроли на отпадите и заштита на шумите за наредната година.
Огнен Чанчаревиќ
