Вести Свет Топ вести

(Фотогалерија) Коњак стар 112 години, мени на француски и 1.500 прибори за јадење – кралски банкет во чест на Трамп

Британското кралско семејство вложи многу напор и труд да остави незаборавен впечаток кај американскиот претседател Доналд Трамп. Приреди државен банкет во салата Сент Џорџ во замокот Виндзор. Спектаклот беше одржан во ентериер кој потсетува и на средновековните гозби и на филмовите за малиот волшебник Хари Потер. Накратко опишано – дипломатија на раскошна маса, златна и кристална прослава со говори, кралска здравица, фанфари, превкусни јадења.

Гостите ги служеа келнери во прекрасни униформи кои беа дисциплинирани како војници на парада. Приборот за јадење беше педантно распореден во милиметар. Вкупно 1.500 прибори за 160 гости. Плус пет чаши и пехари за секој гостин на масата долга 47 метри.

Гостите на банкетот во чест на посетата на Трамп беа послужени со јадења од мени на француски јазик:

  • Панакота од хемпширска поточарка со специјален пармезан леб и салата од јајца од препелица
  • Органско пилешко од Норфолк во тиквички со сос од мајчина душица и билки
  • Сладолед од ванила со фил од кентски сорбет од малина и лесно варени викторијански сливи

На гостите им беше понуден и раскошен избор на вина:

  • Вистон Естејт, Куве 2016 (Wiston Estate, Cuvée 2016)
  • Доман Боно де Мартреј, Кортон-Шарлемањ, Гранд Кру 2018 (Domaine Bonneau de Martray, Corton-Charlemagne, Grand Cru 2018)
  • Винарија Риџ, Монте Бело 2000 (Ridge Vineyards, Monte Bello, 2000)
  • Пол Роџер, Екстра Куве де Резерв, 1998 (Pol Roger, Extra Cuvée de Reserve, 1998)

Пијалоците по вечерата пливаа во симболика. Беше служен порто од 1945 година, во чест на Трамп како 45-ти претседател на САД, иако тој не пие алкохол. Во понудата и коњак од 1912 година, годината на раѓање на мајката на Трамп која е родена во Шкотска. Послужен беше и посебен коктел – Трансатлантско виски, мешавина од Џони Вокер со светол цитрус од мармалад, кој се служеше со бисквити и британски бел слез.

Ѕвезди од бизнисот наместо од филмот и музиката

На банкетот во чест на Трамп беше воочливо отсуство на познати фаци или филмски ѕвезди. Ги немаше дури ниту познатите пријатели на кралското семејство, поранешниот фудбалер Дејвид Бекам или музичката икона Елтон Џон. Наместо нив, листата со гости беше полна со политички оператори и технолошки стручњаци.

Шефот на Епл (Apple), Тим Кук седеше крај ќерката на претседателот, Тифани Трамп. Медиумскиот магнат Руперт Мардок беше сместен до Морган Мексвини, клучниот советник на британскиот премиер Кир Стармер. Разговорите сигурно биле интересни со оглед дека Трамп ги тужи медиумите на Мардок и бара милијарди долари отштета во САД.

Стармер беше до Стивен Шварцман, исклучително богатиот извршен директор на инвестициската група Блекстоун (Blackstone). На банкетот прусуствуваа и американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф. Еден од главнмите претставници на технолошкиот сектор беше Јенсен Хуанг, главен извршен директор на компанијата Нвидија (Nvidia).

Музичкиот избор на банкетот ги одразуваше некои од омилените музичари на претседателот Трамп. Можеби некои песни имаа и скриени пораки, како Nessun Dorma, што значи „никој нема да заспие“ и You Can’t Always Get What You Want („Не можеш секогаш да го добиеш она што го сакаш“.

Дворецот на Сент Џорџ беше обновен по пожарот во 1992 година.

„Би-Би-Си“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Дали Мицкоски и за ослободувањето на Груевски имаше чувство?

Kristina Kuzmanovski

Косово ја прогласи српската министерка Снежана Пауновиќ за персона нон грата

Kristina Kuzmanovski

Со ограничени резерви на гориво, девет авиони над Лондон во вонредна состојба, пренасочени и 14 летови

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе