Институционална будност и брзи реакции за намалување на фемицидите и семејните насилства во државата. Граѓанските организации кои работат со жртви на семејно насилство се згрозени по најновиот случај во Велес кој заврши со двојно убиство и самоубиство.
Психологот Стојне Митева, која раководи со Шелтер центар за згрижување жртви на семејно насилство, смета дека одговорот на институциите мора да биде брз, но и да и даде чувство на сигурност на жртвата. Нивното искуство говори дека институциите честопати се неефикасни во овие процеси.
- „Имаме јасно поставени законски одредби кои велат дека по пријавата на насилството полицијата треба во рок од 12 до 24 часа да ги извести сите институции што се засегнати, супер е тоа што го има на хартија, но во пракса не е така. Со ретки исклучоци на некои полициски станици и центри за социјална работа кои беспрекорно си ја гледаат работата. Жените се неможни и тогаш бараат поддршка од невладиниот сектор, како последен спас, надеж дека ќе успееме да ја откочиме целата постапка, ќе ја извадиме од лавиринтот и нема да падне лесно во канџите на насилникот“, вели Стојне Митева- з.г. „Скај плус“ Струмица.
Случајот со убиството на младата Росица од Велес укажува дека системот затаил, бидејќи по серија пријавувања во неколку месеци, девојката не можела да живее спокојно.
Била тепана, вознемирувана со повици и фотографии, јавно понижувана со навредливи графити, автомобилот на татко ѝ бил запален, и покрај сѐ, убиецот останал на слобода за целото време, малтретирајќи ја во секоја укажана прилика. Адвокатката Марта Гусар смета дека и МВР има вика, затоа што требало да се реагира.
Гусар сведочи дека имала клиентка која не можела да пријави насилство, бидејќи во полициска станица не ја примале.
Последниот исказ во јавното обвинителство, Росица го дала само неколку дена пред смртта. Сведочела за настан што се случил лани во декември, кога убиецот, нејзин поранешен партнер, се обидел против нејзина волја да ја задржи во станот во Скопје.
Ја тепал, за заклучил, и се заканувал дека ако не е негова ќе ја убие. Следниот ден му е изречена условна осуда, за други пријавувања што против него ги поднела Росица во февруари и март. Иако не смеел да и се приближува, дошол од Скопје во нивната семејна куќа, го убил татко и и неа, па се самоубил.
Сузана Мицева
