Вести Свет

Ситуацијата во Непал се смирува по назначувањето на новата премиерка

Главниот град на Непал, Катманду постепено закрепнува од нередите на почетокот на неделата, по инаугурацијата на новата премиерка Сушила Карки, која треба да ја води земјата до изборите закажани за март.

На улиците на Катманду, сега претежно без полициски час, оклопните воени возила и тенковите се помалку видливи, а металните ролетни на продавниците се кренати, пренесуваат светските агенции. Штандовите на пазарот повторно се отворени за купувачи, а храмовите за нивните верници.

Во главниот град на Непал во понеделникот и вторникот се одржаа насилни анти-владини протести во кои, според најновиот полициски извештај, загинале најмалку 51 лице, а стотици се повредени. Во нередите беше запалена зградата на парламентот.

Именувана во петокот вечерта по тридневни преговори, поранешната претседателка на Врховниот суд, 73-годишната Сушила Карки, брзо го почна својот мандат на чело на привремената влада. Од денеска работи на составување нова влада, изјавија официјални лица. Една од нејзините први задачи е да обезбеди ред и мир во целата земја. Ова вклучува апсење на околу 12.500 затвореници кои ги искористиле немирите за бегство од затвор и до денеска сè уште се на слобода.

Претседателот Рамчандра Паудел нареди распуштање на парламентот и распиша избори за 5 март 2026 година, што беше едно од барањата на младите демонстранти обединети под знамето на „Генерација З“.

Работната програма на првата жена на чело на Непал ќе биде густа, а нејзината мисија тешка со оглед на бројните барања на младите луѓе кои го соборија стариот режим, а нејзиното назначување многу Непалци го дочекаа со олеснување.

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ѝ испрати „најдобри желби“ на Карки.

Индија цврсто го поддржува мирот, напредокот и просперитетот во корист на непалскиот народ, напиша тој на X.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски не е оптимист дека ќе има договор за Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

Го користел владиниот лирџет за приватни посети, сe возел со рент-а-кар платен со државни пари – екс директорот на СОЗР е обвинет за злоупотреба на 130 000 евра

Sonja Petrusevska

Турски суд издаде налог за апсење на Нетанјаху

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе