Чарли Кирк, еден од највлијателните американски конзервативни активисти и водител на подкаст и радио ток-шоу со милиони следбеници, почина откако беше застрелан со еден истрел од огнено оружје во текот на својот настап на Универзитетот Јута, во истоимената американска сојузна држава.
Според универзитетот каде требало да зборува 31-годишниот Кирк, тој бил погоден од само еден куршум, но прострелната рана била во пределот на вратот. Неговата здравствена состојба беше прогласена за критична а набргу потоа пристигна и веста дека починал.
Едно лице било првично приведено заради сомнеж дека го убил Кирк, но подоцна било ослободено. Според информациите на американските медиуми, смртоносниот истрел кој го уби Кирк, бил истрелан од повеќе од 180 метри, со што најверојатно убиството било извршено со автоматска пушка.
Кирк, еден од најжестоките поддржувачи на политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, е најдобро познат како основач на непрофитната организација „Момент на пресврт САД“, која се обидуваше да ги шири конзервативните идеи до студентите на американските студентски кампови.
Тој имаше 5,2 милиони следбеници на Твитер и над 7,3 милиони следбеници на Тик Ток.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на својата социјална мрежа Трут Сошал, објави порака со сочувство за смртта на Кирк, кого го нарече „голем, дури и легендарен човек“.
„Никој не го разбираше срцето на младите во САД подобро од Чарли“ – напиша Трамп.
Кирк беше многу близок со американскиот претседател и неговото семејство. Во Јануари, тој заедно со Доналд Трамп помладиот, син на американскиот претседател, беше и во посета на Гренланд, островот кој шефот на САД го посакуваше како дел од Соединетите држави.

Во 2012-тата година, на возраст од само 18 години, Чарли Кирк, ја основал непрофитната организација „Момент на пресврт САД“.
На своите подкасти и пред студентите на американските универзитети, најчесто зборуваше за темите како трансродовиот идентитет, климатските промени (кои конзервативците не ги прифаќаат како научен факт), верата и семејните вредности. Кирк беше оженет и татко на две деца.
Како вистински американски конзервативец, Кирк жестоко го бранеше вториот амандман на американскиот устав, односно правото на поседување и користење огнено оружје.
Неговиот став не го поколебаа ниту бројните масовни убиства на американските колеџи, каде токму дел од неговата таргет група, младите луѓе беа убиени со истрели од огнено оружје.
„Мислам дека цената од одреден број смртни случаи од огнено оружје секоја година, за жал е цена која вреди да ја платиме, за да го задржиме на сила Вториот Амандман кој ги штити нашите права дадени од Господ. Ова е рационално, но никој не зборува за тоа. Како да живеат во алтернативен универзум“ , изјави Кирк во 2023-тата година по еден случај на масовно убиство од огнено оружје.
