Европа мора да се бори за своето место во светот во кој многу големи сили се или амбивалентни или отворено непријателски настроени кон неа, гласи пораката која претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ја испрати од Европскиот парлемент.
„Свет на империјални амбиции и империјални војни. Свет во кој зависностите се безмилосно вооружени. И токму поради сите овие причини мора да се појави нова Европа. Почитувани пратеници, ова мора да биде моментот на независност на Европа“, рече Лајен.
За Фон дер Лајен тоа е мисија на ЕУ, за да може таа да се грижи за сопствената одбрана и безбедност, да ја преземе контролата врз технологиите и енергиите за нејзините економии, да решава во какво општество и демократија сака да живее. И како што рече таа, да биде отворена кон светот и да избира сојузници – стари и нови.
Обраќањето на претседателката на Европската комисија во Европскиот парламент во фокус ја имаше и војната во Украина, пред се враќање на сите киднапирани украински деца од страна на Русија, но и оти војната таму мора да заврши со праведен и траен мир за Украина. Притоа таа најави нова програма која ќе ги поддржи инвестициите во капацитетите на украинските вооружени сили. Фон дерЛајен зборуваше и за руската закана за Европа.
„Европа ќе го брани секој сантиметар од својата територија“, рече Фон дер Лајен. Притоа таа го спомена и проширувањето на Унијата, велејќи дека само обединета Европа може да биде независна Европа, поради што, како што рече, мора да продолжи темпото на тој процес базиран на заслуги, велејќи дека иднина на Украина, Молдавија, Западен Балкан е во Унија.
Фон дер Лајен во своето обраќање се осврна и на страдањата на цивилите во Газа, велејќи дека тоа што се случува таму е неприфатливо.
„Глад предизвикана од човек никогаш не може да биде оружје на војната. За доброто на децата, за доброто на човештвото – ова мора да престане“, рече Фон дер Лајен.
Таа рече дека ЕУ не смее да се дозволи да се реализираат плановите и активностите од страна на Израел за поткопување на решението за две држави со одржлива палестинска власт.
За време на обраќањето на Фон дер Лајен дел од европратениците и некои од еврокемесарите беа облечени во црвено како знак на поддршка со цивилите во Газа.
Тамара Грнчароска
