Израел е под сè поголем притисок за состојбата во Газа. Официјалното прогласување глад во Појасот наиде на жестоки критики од арапските држави и организации кон Тел Авив за геноцид над Палестинците, ги обвинија израелските власти за тешки злосторства против изгладнетите цивили и побараа итна меѓународна интервенција. На итна реакција повикаа и организациите при Обединетите нации, во спротивно, предупредија дека гладта во најголемиот град во енклавата ќе прошири на целата територија.
„Во петтата фаза на фамина (Интегрирана класификација на фази на безбедност на храната), егзистенција пропаѓа. Животите и иднината на луѓето се изгубени. Мрежите за социјална сигурност се сериозно нарушени. Широко распространетата неухранетост, нетретираните болести, колапсот на здравствените и прехранбените системи, влошувањето на условите за вода, санитација и хигиена, сето тоа резултира со екстремни услови и прекумерни смртни случаи“, Реин Паулсен, директор на Канцеларијата за вонредни состојби на ФАО.
Анализата на интегрираната класификација на фази на безбедност на храната укажа дека над половина милион луѓе во Газа се заробени во глад. Според неа, едно подрачје е под глад кога се случуваат три работи – 20% од домаќинствата имаат екстремен недостаток на храна или гладуваат; најмалку 30% од децата страдаат од акутна неухранетост или исцрпеност и кога двајца возрасни или четири деца на секои 10.000 луѓе умираат секојдневно од глад и неговите компликации. Медицинските експерти го објаснуваат терминот фамина чие значење е глад.
„Глад е официјален термин дека кај една популација е достигнат праг кога 15% или повеќе од телесната тежина или големина на телото на луѓето е неверојатно ниска, неверојатно абнормална. И затоа укажува на нешто широко распространето кај популацијата, а тоа се случува во Газа токму сега“, рече доктор Марк Менари, универзитет Вашингтон во Сент Луис.
И покрај катастрофалната состојба во која се наоѓаат, стотици Палестинци се обидуваатда стигнат до помош од камионите со залихи кои влегуваат во Појасот и ги ризикуваат животите само да обезбедат парче храна за своите деца.
„Денеска дојдов, носејќи ја душата на дланка, за да купам храна и пијалоци за моите деца. За жал, цената што ја плаќаме се човечки суштества кои умираат за ништо. Маченик по маченик, повреден по повреден. Нема болници да нè лекуваат. Зошто 30-годишник како мене трча по килограм леќа, килограм брашно?“, изјави Ибрахим ал-Генеди, раселен од северна Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е одлучен да продолжи со повторната окупација на Газа. Безбедносни извори предупредуваат дека отсуство на офанзива би можело да го забрза колапсот на неговата влада. Израелските сили, во меѓувреме, продолжуваат со напади и рации во Појасот.
Арапските медиуми и палестинската новинаска агенција ВАФА јавуваат за 30-тина претреси, под закани и провокации, во домови на локалното население. Според нив, се уништува приватен имот, возила, а израелски булдожери од четвртокот газат и рамница на истокот која е по насади со маслинки. Само во последните 24 часа се убиени 61 Палестинец, а 308 се повредени во Појасот Газа. Локалните здравствени власти досега потврдија 62.622 смртни случаи и над 153.000 повредени, најмногу жени и деца, од почетокот на војната во октомври во 2023 година.
Сашко Димовски
